Годишно доаѓаат над 300 нови ученици и исто толку си одат. Некои од нив успеваат за краткиот четиригодишен период да остават свој белег, повеќето се тивки и повлечени. Но со професорите не е така. Ниту годишно добиваме толку многу нови професори ниту си заминуваат. Што е најзначајно, секој од нив оставил вечен белег, не врз една, туку врз многу многу генерации. Едноставно – професорите не може да останат незабележани, незапаметени… ама ние од денес нема ни да дозволиме да се случи тоа!
Венко Пијанманов беше долгогодишен професор по спорт и спортски активности. За време на работењето како професор во нашето училиште тој дочекал и испратил 10-тина цели генерации. Сите го препознаваа по неговата широка насмевка, уникатниот стас, одличната физичка форма на која можеа да му позавидат сите момчиња и, се разбира, неповторливите шеги и метафорични фрази преку кои сакаше на поедноставен начин да всади во средношколските глави дека физичката активност е најголем пријател на човековото здравје.
Нормално е дека секогаш класните раководители поминуваат подолг период со учениците од својата паралелка. Затоа контактиравме дел од оние кои се среќавале со него секој прв час од почетокот на работната недела. Се вративме три генерации наназад и позборувавме со Весна Витанова која денес и професионално се занимава со спортување.
„Секогаш се обидуваше максимално да нè заштити од сите професори бидејќи им бевме мета поради лошото поведение. А ние како клас генерално бевме „проблематични“. Еден ученик, еден проблем повеќе. Му сметаше неродовноста која преовладуваше кај нас, кој од оправдани кој од неоправдани причини. Во среда веќе беше пополнет просторот за изостаноци“, вели Весна – ученик во 1999-2005 генерација.
Оние кои го знаат во приватниот живот велат дека неговото лице и пред учениците и пред нив било исто – оригинален и еднаков пред сите. Дека беше весел, распеан и разигран потврдуваат и учениците од генерацијата 2009-2013:
„Иако пензиониран, го повикавме да дојде на матурската вечер. За жал не седеше цела вечер со нас, но периодот којшто го помина максимално се забавуваше и ги развеселуваше сите со неговите карактеристични движења. Сите професори во круг, а тој како на специјален подиум во центарот со разни акробатски движења и скокови! Ги избираше како „Тркало на среќата“ и играше со нив. Незаборавна слика!“
Весна Витанова која е најдобар женски голман од Струмица ни раскажа дека тој најдобро ја разбирал кога отсуствувала од часовите заради фудбалот и натпреварите.
„Иако често отсуствував тој ми даваше поддршка да продолжам и да не се откажувам. Општо, секогаш сакаше да бидеме редовни на часови и да вежбаме, да се занимаваме со некаква активност. Се сеќавам дека ако нè немаше на часови практикуваше да дојде по кафичите, знаеше точно каде седиме, и нè тераше да се вратиме на час.
Кога почнавме да забораваме на школо да доаѓаме,
Венко нè оправда пред колегите нас и опстана IV-7 клас.
Какви аргументи искористи да не извади од калта сè уште не ни е јасно.
Но ќе му се оддолжиме пред да биде касно.
Знаеше тој да не награди со некој погрден епитет,
но сепак се бореше за нашиот просперитет.
Бисери излегуваат од него често, знаеше да не насмее многу вешто.
„Смотани фраери“ и „Индијанци“ нè нарекуваше и да не бегаме од часови нè советуваше.
„Не говори, не говори – беше неговата најчеста фраза и ние одлучивме да го овековечиме тоа на нашиот алманах“, велат учениците од IV-11 од генерацијата 2004-2009.
„Точно знаеше кога сакаме да ги искористиме нашите убедувачки вештини. Постојано се правдевме за отсуствата или за некој настанат проблем. Се разбира дека му беше досадно да ги слуша истите „финти“ секој ден па затоа сакаше да нè замолчи и да го скрати нашето филување на работите“, се потсетуваат Александар, Рони и Ѓорги од IV-11 паралелка.
Сите имаат и добри и лоши страни, генерациите се сложни дека му замеруваат што ретко ги известувал. Некогаш тоа може и да биде добро – барем понастрана од главоболките.
„Ако зборуваме за „слаба точка“ тогаш би го издвоиле само недоволното информирање околу новостите. Секогаш последни ги дознававме работите кои требаше да бидат пренесени, понекогаш дури побрзо дознававме од другите класови“, голманката Витанова која професорот Венко често ја ангажирал во ракометната екипа на училиштето.
На убавите моменти поминати со професорот Венко со радост се сеќаваат и професорите од колективот по спорт и спортски активности. Од таму дознавме дека се разликувал од нив по носењето компли наместо патики за време на часовите.
„Венко го сакам и почитувам како свој родител и за него имам само најдобри зборови. Навистина во приватниот живот беше секогаш расположен и насмеан. На секоја заедничка забава со колегите тој беше највесел и играше најмногу од сите мажи, “ вели Гоце Кончалиев.
Често знаеше да потсвирнува и потпевнува, а свирењето гитара е еден од неговите таленти. Професорот Венко до ден денес сè уште активно вежба и ја одржува својата форма.