И годинава од отпад до мода!

Годинава, на 5 јуни, ќе се реализира четвртиот по ред „Trash Fashion Macedonia 2014“ натпревар. И оваа година секое средно училиште ќе може да учествува и да се претстави со еден моден дизајн кој ќе го изработуваат тим на ученици водени од училишниот ментор/наставник.trashНашето училиште досега има освоено две трети места (2012 и 2013 година) со бројна конкуренција од над 40 други модели од рециклирани материјали. Пат кон вселената и Пепелашка на XXI век беа креациите кои жирито ги награди.

По повод Светскиот ден на животната средина 5 јуни, ОХО во 2011 година, покрена иницијатива за организирање модна ревија на креации изработени со реупотреба на материјали Trash Fashion Macedonia.

Нашето училиште го пријави своето учество до предвидениот рок и во тек се подготовките на учениците под менторство на професор Катерина Милушева.

Модната ревија  претставува натпревар наменет за средните училишта кои се вклучени во Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ која ја имплемeнтира ОХO во соработка со Министерството за образование и наука.

Целта на настанот, покрај приклучувањето кон светските напори и акции кои се спроведуваат на овој ден, е подигнување на свеста кај учениците и пошироката заедница за значењето и зачувувањето на природата и реупотребата на отпадот. Оваа идеја претставува еден начин со кој се анимираат учениците да се вклучат во изработка на облеки и модни додатоци, со што тие стекнуваат знаење и навики за реупотреба на материјалите.