Извонреден есеј од ученичка од четврта година којашто совршено добро го доловува ликот и страдањата на младиот Вертер од романот на Гете. Доволно е да ја прочитате нејзината анализа и да го разберете целото дело кое го имате за обработка. Страдањата и неприспособеноста на Вертер во реалниот свет
Го познавате ли среќникот кој шутка каменчиња по сиво-сината улица? Го знаете ли страдалникот втирен во одблесокот на површината и вслушен во одекнувањето на своите чекори? Сте чуле ли за неуморниот пешак кој ја бара својата сопственост надвор од телото, а вистинската ја става на изложба каде единствениот разгледувач е самиот тој?
Погледнете во најблиското огледало. Дали го препознавате? Го видовте ли како го остава предалеку отклонетото каменче и присвојува ново? Набљудувајте го и видете дали тој застана како што неговиот раст ја достигнуваше крајната граница? Дали знаете кој му го одбра првото телце што се тркала по нерамнините и го смени ли тој воопшто тоа? Дали тоа жално камче и неговиот водач имаат цел?
Кога сето она што талкачот сакал да го направи, го сака и му недостасува да биде комплетна личност во рамките на своите сфаќања, во вид на извор на светлина е пред него, тој ќе се стреми да стигне таму, има мотивација. Но, доколку тој извор се наоѓа зад него, единственото нешто што го гледа пред себе е сопствената сенка.
Во негова природа е со аналитичкото око да ги забележи прво недостатоците. Каква е таа сенка? Зошто не е барем малку подолга, потенка? „Нашата мечта гонета од својата природа да се воздигнува и храни со поетски слики развива ред на битија по угорна линија каде ние сме најниско и секој освен нас е поблиску до совршенство.“ Во сенката се гледа самиот себе без оние бои кои му даваат живот, се гледа како форма во мноштвото предмети со содржина. „Се се сведува на луда трка и ако човек за волја на другите, а не со своја страст ами потреба кулучи за пари или чест, тој е будала во секој случај.“
Истото му се случува и на Вертер кој се што познавал остава зад себе и доаѓа во малото гратче, во куфер носејќи ја само својата уметничка душа која го преплавува секој дел од неговите мисли. Но, ако ти бегаш од светот и тој бега од тебе, оддалечувајќи се и постепено останува само апстрактен поим во твоите несредени мисли. „Се враќам во себе и таму го наоѓам светот.“
Зошто? Бидејќи ти бараш нешто што е веќе зад тебе или пак не бараш ништо, гледајќи површно околу себе подложен на болната анализа на останатото од тебе, без точен и дефинитивен заклучок. Не застануваме, ниту пак одиме, ами шетаме и „кога таму ќе стане овде, се е пак како што беше и ние стоиме во својата сиромаштија, стеснетост и душата ни жеднее за утеха која избегала.“
Ако малку пообјективно се разгледа Вертер, единственото присутно нешто кое ја исполнува новосоздадената празнина кај него е Лота, а истовремено таа е многу компатибилна со совршениот животен партнер кој тој го замислува и затоа сета негова потреба, страст и љубов е насочена кон неа. Тоа е и негова сила и слабост бидејќи штом постои само едно нешто што не исполнува тоа преминува во опсесија.
Лота, иако не го одбива Вертер, тој за неа сепак не е стабилната личност со која би го поминала животот, мислејќи овде и на своите интереси и на оние на фамилијата. Се што е потребно за монотон, но нормален живот го нуди Алберт, меѓутоа Вертер го носи сето знаење, стремежи, слобода на духот од конзервативноста на времето, кои ја предизвикуваат. Вертер бега од неа за да најде алтернативен извор на мотивација за живот, а се соочува со ограничени принципи од кои во почетокот побегна неговиот нескротлив дух кој би се самоуништил во такви граници. Затоа тој се враќа, за да ја осознае недофатливоста на неговиот најголем копнеж. „Тогаш копнеев за надвор во непознат свет каде се надевав дека на своето срце ќе му најдам наслада, а сега се враќам со сиромашни надежи и разорени планови.“
Единственото каменче му паѓа во провалија и останува без речиси ништо. Неговиот другар е премногу апстрактна личност за него бидејќи кога некој е оддалечен просторно од тебе подогло време, постепено се губи од прифатливата реалност. Така изгубен посегнува кон својата сенка.
Цело време, Вертер се сожалува, несвесно продавајќи си ја душата на најбезмилосниот испитувач замислен – самиот себе, но „о, кој е човекот да се сожалува самиот себеси?“ На овој свет постојат толку многу работи што можат да бидат наш предизвик доколку би посакале, а наместо тоа тој се затвара во единствена улица откажувајќи се да ја напушти повторно по само еден неуспешен обид.
Ако не си го нашол она што го бараш на едно место, не значи дека не постои. И да не го најдеш – создади го. Вистина е дека Вертер се труди да продолжи понатаму кон излезот од живата ограда во која е заплеткан, но само уште малку повеќе да вложел напор, би успеел.
Сите глумиме во драмата „Живот“ напишана од Самиот Јас и Опркужението. Да ја поткренеш завесата и да исчезнеш од сцената е еден излез што можеш да го одбереш – другите актери ќе се збунат за момент и ќе продолжат, на дали е тоа се? Поради тоа ли си тргнал пешки кон твојата цел?
Страдалнику, види ја природата до тебе и пред тебе и бескрајното небо над тебе! Не си сам, зошто си осамен? Тоа што си тука е најголемиот подарок, а ако не ти се допаднал не значи дека е бескорисен или дека не може да биде модифициран од твоја рака.
Погледни во огледалото. Се препознаваш ли? Дали си она што сакаш да бидеш? Се оцртува ли на контурите на твоето лице среќникот и реалистот во тебе? Отпакувај ја од куферот заборавената, талентирана душа и продолжи со импровизации на твојата улога во драмата.