Како Васко Дедејски се подготвува за Француска шансона

Деновиве актуелни се интензивните подготовки за годинашниот натпревар Француска шансона чија претселекција ќе се одржи в сабота 22 март 2014 во Младинскиот културен центар во Скопје. a1Васко Дедејски е еден од тројцата претставници на нашето училиште кој ќе се обиде да најде место меѓу 12-те финалисти. Бидејќи овој натпревар е спој на две професии со него работат двајца ментори. Професорката Нада Божијанова е задолжена за правилниот изговор, а Анита Станковска за техниката на пеење. Сепак, улогата на Васко е најголема затоа што треба да го истакне наученото пред мошне стручно жири и да ги добие највисоките оценки.

„Помеѓу огромната позитивна атмосфера која владее на пробите нормално е да се појавуваат занемарливи проблеми со изговорот на одредени зборови. Францускиот јазик е карактеристичен за пеење и треба многу вежбање“, споделува ученикот од трета година.

Жирито ќе ги бодува песните од 1 до 5 земајќи ги предвид изговорот на францускиот јазик, вокалните квалитети и сценскиот настап како три најважни критериуми.

Учениците кои минуваат крај кабинетот веќе ја имаа можноста оддалеку да наслушнат што се подготвува, а пристигнуваат и првите коментари до адресата на солистот.

„Јас и професорките по француски и музика како тим годинава ја остваривме желбата да се претставам со песната Mal de toi од Francois Feldman“, раскажува Дедејски за подготовките.

Судејќи по големите досегашни успеси на нашето училиште ја искористивме приликата да го прашаме дали ќе го носи притисокот од двете победи и бројните втори награди кои ги имаат остварено наши ученици:
„Ќе се потрудам да го дадам максимумот и се надевам дека жирито нема да ги штеди поените годинава затоа што нашето училиште секогаш настапувало и ќе настапува со добри вокали кои се фаворити меѓу останатите учесници“.