Повик за поттикнување на свеста во заштита од сајберкриминалот

На 12-ти Мај 2017 година во точно осум часот попладне се соочивме со глобално-масивен сајбернапад. Повеќе од 300 000 компјутери во 150 земји беа инфицирани од т.н. WannaCrypt (Wanna Decryptor) вирус кој припаѓа на категоријата на Ransomware вируси. Она што е алармантно за овој тип вирус е тоа што тој ги криптира (заклучува) сите датотеки на компјутерот и бара откупина (овој пат 300 американски долари) за да ви го врати клучот (да го отклучи целиот диск). Ова е многу сериозно поради тоа што голем број од нас чуваат важни податоци на компјутерот.

ЗАБЕЛЕШКА: Јас (Митко Ников) го пишувам овој напис под моја одговорност според мои размислувања и заклучоци базирани на факти и верувам дека ќе е за општо добро.

Зошто го пишуваш ова овде?

Сметам дека училиштата треба да бидат први во поучувањето и советувањето на учениците, како и против различните зависности, така и во превенција на сајберкриминалот. Исто така, сите знаеме дека младите генерации се “опседнати“ со компјутерите и мобилните апарати и преку поттикнување на свеста кај младите, како и младите, така и нивните родители ќе бидат заштитени. Верувам дека сите треба да бидеме свесни за моќта што ја имаат непосакуваните софтвери во денешното време основано врз компјутерската технологија.

Дали вирусот се уште претставува закана за мојот компјутер?

ДА! Ранливоста која ја користеше вирусот за да се прошири низ мрежите е во самите оперативни системи на Windows. Иако овој вирус беше неутрализиран благодарение на заедничка соработка на експерти од повеќе земји, самата ранливост во системите сеуште постои.

Што да направам за да се заштитам од вирусот?

За да се заштите посебно од овој вирус, но и од многуте други кој виреат на интернетот, најдобро решение е да го НАДГРАДИТЕ (Windows Updates) оперативниот систем т.е. НИКОГАШ да не ги исклучувате надградбите. Microsoft издаде надградби за заштита против овој вирус. Ако немате време преку ден, барем оставете го компјутерот преку ноќ да се ажурира. Со тоа секогаш ќе ги имате последните најзаштитени верзии на оперативниот систем. За оние кои сеуште имаат Windows XP или Vista: Иако Microsoft ја прекина поддршката за овие системи одамна, специјално за овој вирус, тие издадоа надградби. Но, јас како познавач на компјутерите и знаејќи колку многу е ранлив Windows XP, длабоко ви препорачувам да се преместите на поновите оперативни системи како што се Windows 7, 8 или 10. Ако и двете погоре наведени опции се невозможни за вас, еве овде ви прикажувам две чекори кој ќе ви ја отстранат* ранливоста од оперативниот систем.

Уште некоја препорака…

  • Имајте го најновиот оперативен систем ако е возможно
  • Секогаш антивирусот да ви биде ажуриран на најновата верзија
  • Направете backup на највредните податоци (може да ги прикачете на Dropbox или Google Drive)
  • Внимателно со отварањето на сомнителни пораки
  • Инсталирајте само апликации кои се од официјални и проверени извори

Овие препораки се во превенција на голем дел од малициозните софтвери (вируси), не само овој специфичен тип или вид вирус.

Има ли место за паника?

Не… Овој вирус се шири низ мрежи на компании, институции, фабрики итн. Но, сепак може да го добиете преку симнување на недоверливи апликации. Јас, го зборувам ова, овде на малку построг тон поради тоа што навистина сум загрижен околу невнимателноста која може да има големи последици. Во овој т.н. дигитален свет, според мене, секој треба да има барем основно познавање и секој треба многу повеќе да прашува и истражува при симнување на софтвери, отварање непознати веб страни итн.

 

Повеќе информации може да пронајдете на:

  • IT.mk – подетална анализа
  • RT.com – потеклото на вирусот, како и најновите вести од светот
  • MalwareTech – начинот на кој успеа да го неутрализираат вирусот
  • Видео објаснување (на Англиски од страна на каналот Computerphile)