Ученици од нашето училиште вчера зедоа учество на натпреварот на тема „Перспективите на Коридор 8“ организиран од фондацијата „Бугарска памет“ во Софија, Бугарија. Поделени во неколку тимови, тие успешно ги претставија своите проекти кои обработуваат неколку аспекти на прекуграничниот транспортен коридор 8 кој ги поврзува Јадранското и Црното море.
„Коридор 8 – пат кон разбирање, хармонија и почит меѓу соседите“ е името на проектот кој победи и го освои првото место на натпреварот, подготвен од тимот на нашите ученици Анета Манева, Костаќе Ќосев и Теодора Дузлеска, под менторство на професорите Јованка Михаиловиќ и Билјана Костадинова.
На церемонијата присуствуваа и претставници на институции од Бугарија меѓу кои заменик министерот за надворешни работи Георг Георгиев, пратеникот во Европскиот парламент Андреј Ковачев, директорот на дирекцијата „Национална транспортна политика“ Димитар Савов, а исто така и дипломати од амбасадите на Македонија, Албанија, Романија и други.
„Коридор 8 е можност за развиток на нашата држава, можност за поврзување со нашите соседи, за добра соработка, за развиток на туризмот“ – сподели Христина Палазова, дел од тимот со реден број 1 составен од учениците Коста Михајлов, Оља Караристова, Сања Петрова и Христина Палазова, под менторство на професорите Јованка Михаиловиќ и Даница Палазова кој го освоија второто место со својот предлог за воведување на системот „One Stop Control“ според кој патниците ќе запираат само на едно место за проверка.
Наградите за победниците ги додели лично претседателот на фондацијата, д-р Милен Врабевски. „Ова е најважниот конкурс кој сме го направиле, тој е на придобивка на Коридорот 8. Неговата перспектива е целосно европска. Овде нема две мислења по прашањето за важноста, значењето, стратегискиот пристап и сето она што го прави овој проект клучен. Тој може да биде адекватно финансиран и претставува една извонредна шанса за нас“ – рече тој.
Третото место го доби тимот со реден број 5 составен од ученичките Ева Ставрева, Слободанка Караманова, Ирена Илиева и Ева Ангелова, под менторство на професорите Стаменка Џорлева и Македонка Манушева. Тие ја претставија својата апликација за мобилни уреди која ќе го олесни пополнувањето на документи за време на граничните проверки, а на овој проект работеа околу три месеци.
„Со нашата идеја секоја превозна стока може да биде деклрарирана со помош на оваа апликација. Тоа е многу лесно, само со еден клик на мобилниот телефон се извршува целата процедура. Нема губење на документи, нема празнини. Ова е голем напредок, не се губи никакво време, а тоа не може да се купи со пари.“ – вели Ева Ангелова, дел од тимот со реден број 5.
Во последните десетина месеци, фондацијата „Бугарска памет“ има организирано неколку иницијативи на кои учество зедоа ученици од нашето училиште, меѓу кои се есеи за Светите Кирил и Методиј и поетот Никола Вапцаров, а по доделувањето на сертификатите и книгите кои беа дел од наградите, претседателот на фондацијата, д-р Милен Врабевски објави нов конкурс за есеј на тема „Мојот херој“.