Ученици од различни народности заедно апелираа за поголема безбедност во сообраќајот

Ученици од повеќе народности заедно со полициски службеници денес едни од други се едуцираа за безбедното учество во сообраќајот. Тие преку поделување на едукативни флаери на случајни минувачи како и управувачи на возила апелираа да се почитуват сообраќајните знаци, правилата и прописите.

Преку оваа активност насловена „Учиме едни од други – едукација на пешаците“ која е во рамките на проектот за меѓуетничка интеграција во образованието, ученици од СОУ „Јане Сандански“ и ОУ „Маршал Тито“ заедно со полициски службеници од СВР Струмица денес излегоа на раскрсницата помеѓу улиците „Ленинова“ и „4-ти јули“.

„Учениците заедно излегоа на терен со активности како поделување на флаери на пешаците, насочувања за движењето на пешаците како учесници во сообраќајот, а со цел и заедно да соработуваат учениците и училиштата со различни етнички групи“ – изјави координаторот на проектот, Божана Лазарова.

„Најчесто постарите лица се жртви на сообраќајни несреќи поради, грешки на возачите, свои грешки и непочитување на сообраќајните знаци, правила и прописи“ – стои во едукативниот флаер кој го делеа учениците.

Пешаците се најранлива категорија учесници во сообраќајот, особено во есенските и зимски месеци кога временските услови се неповолни. Преку почитување на апелот, стои во содржината на едукативните флаери, Вие се грижите за Вашата и за безбедноста на другите.

„Сакаме да укажеме на пешаците како учесници во сообраќајот на правилата и прописите при поминување на улица, обележан пешачки премин, раскрсница или пак поминување на улица надвор од пешачки премин. Сето тоа е за зголемување на безбедноста на пешаците како учесници во сообраќајот“ – рече инспекторот за превенција по сообраќај, Тони Божиков.

403 Вкупно 7 Денес