Веселиот дух на Струмица заживеа во полскиот Грујец

Многу насмевки, нови пријателства, музика, споделени таленти и официјално збратимување е кратката анализа од првите два дена од престојот на нашата екипа во полскиот град Грујец. DSC_0241

Уште со самото пристигнување градските власти организираа официјален пречек на гостите кај градоначалникот Јацек Столарски, надзорникот на Грујецкиот регион и директорот на гимназијата од Грујец.

„Драго ми е што конечно договорот за збратимување потпишан со општина Струмица ќе ја оправда својата намена и сè почесто ќе се гледаме за заеднички средби и размена на ученици“, рече градоначалникот Столарски.

ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ПРЕСТОЈОТ ВО ПОЛСКА

По официјалната средба беше разгледан и музејот на општина Грујец сместен во срцето на градот. Истата вечер нашите претставници беа специјални гости на премиерата на мјузикл во чест на Ана Герман одигран од учениците во грујецката гимназија. Во текот на досегашниот престој како специјални гости претставниците од струмичката гимназија присуствуваа и на час по математика и хемија, како и мултимедијални презентации на хорот и музичките групи.

Во текот на наредниот период следуваат посети на културно-историски знаменитости кои домаќините сакаат да ги покажат на своите нови пријатели.  Екипата ќе престојува во збратимениот град Грујец до крајот на работната недела кога официјално ќе заврши учебната година во Полска.