ВО СРЕДНО: Направете го ова пред да заминете на факултет

Се обидовме да создадеме една реална листа на нешта за кои ќе жалите ако не сте ги направиле во текот на вашиот средношколски живот. Времето не може да се стопира, а најмалку да се врати, затоа ние ве предупредуваме. Наместо подоцна да ви биде жал – направете го тоа што сè уште не сте.0803-high-school_full_600
1. Престанете да се грижите што зборуваат другите за вас – бидете свои во своја кожа и чувствувајте се горди поради тоа!

2. Дремнете на клупата – не сте средношколец сè додека не го „сторите“ кривичното дело: скришен полусон на неудобните дрвени клупи.

3. Уживајте на матурската вечер – не чекајте да го сфатите тоа кога ќе засвири последната песна „Растајемо се ми“, затоа што тогаш ќе биде доцна. Матурирањето не е поголем успех од дипломирањето, ама е дел од времето кое секогаш ќе го посакувате назад.  Се случува само еднаш и обидете се да го споделите моментот со сите драги личности.

4. Зборувајте со тотално непознати ученици – постојано проширувајте го кругот на познанства затоа што ќе ви се најде. Лошо е ако не си ја познавате генерацијата.

5. Одете на спортски натпревари – фудбал, кошарка или нешто актуелно и врвно кое се одржува во ваша близина. Навивајте на сиот глас особено ако натпреварот е на вашите соученици против другите општински или регионални екипи.

6. Прашувајте „глупи“ прашања – иако одговорот е дека со нула не се множи, не постои глупо прашање и не срамувајте се да го искажете вашето мислење или да побарате одговор ако нешто ги мачи вашите мисли, колку и да биде чудно за другите околу вас.

7. Забавувајте се на 1-ви април – направете сценарио во кое ќе бидат вклучени сите ученици од вашата паралелка и предизвикајте насмевка кај професорите со досетливоста која долго ќе ја паметат.

8. Екскурзиите не се за пропуштање – не дозволувајте нешто да го спречи вашето патување и неколкудневно неофицијално дружење со соучениците, класниот раководител и другите професори. Спомените се тоа за што вреди да се живее, а што корист ако не ги создадеме моментите вредни за сеќавање?

9. Положете САТ или ТОЕФЛ – овие тестови ви ги отвораат вратите за студирање на некои престижни универзитети надвор од Македонија.

10. Контактирајте со професорите – тоа не се ниту полицајци, ниту ваши непријатели. Напротив, од нив може да извлечете многу знаење, искуство и совети во текот на целиот престој во училиштето. Бидете искрени и отворени со нив и изградете ја довербата. Учениците и професорите многу често ги создаваат најуспешните тимови!

11. Добијте возачка дозвола – научете и вежбајте ги вашите вештини за возење додека сте помлади и живеете во родниот град. На моменти, возачката може да ви ја донесе посакуваната слобода да заминете на пикник или викенд со другарите.

12. Научете да готвите – иако најчесто велиме дека родителите се тука за готвење, изненадете ги вашите најблиски, вашите пријатели со некој оброк подготвен специјално за нив.

13. Вклучете се во спортски клуб или организација – бидете физички активни, одржувајте ја својата линија и по можност обидете се да преземете одговорност и лидерство.

14. Волонтирајте без да барате „нешто“ – Волонтерите не добиваат плата? Бесценето е искуството, вештините, остварувањето контакти, запознавање со функционирањето на општеството, збогатувањето на CV-то и растењето како личности. Парите ќе ги потрошите во еден викенд!

15. Започнете блог – денес е лесно да создадете место за сите коментари кои ги имате за општествените појави, за актуелните случувања во државата/светот или коментари за обични секојдневни ситуации кои ги гледате околу вас.
Испразнете се и отфрлете го срамот!

16. Организирајте средба со учениците од основно – обновете ги вашите стари пријателства кои биле најискрени, потсетете се на првите симпатии и лудории со децата со кои сте почнале да ги делите клупите.

17. Учествувајте во проект или натпревар – не мора да бидете генијалец, само имајте желба и не плашете се од обидување!

18. Фотографирајте се – само така вашите сеќавања ќе останат трајни и свежи! Сликите прераскажуваат историја!

19. Работете за време на распустот – воопшто не треба да биде срамно да се искористи летото за да си заработите со сопствен труд за одмор со пријателите, концерт, облека… Ќе го збогатите вашето CV и ќе стекнете работни навики.

20. Организирајте забава – викнете ги сите кај вас дома или на одредена локација и уживајте во ритамот на добра музика, весели муабети и неоткриени пријателства.

Не го сместуваме учењето во листата затоа што знаеме дека барем тоа редовно го правите, или не?