Волшебниот триаголник во образованието

Текст на директор м-р Вања Изова Велева

vanjaВолшебниот триаголник во образованието

Образовниот процес од секогаш бил интересна тема за размислување и дискусија. Проблемот се создава низ фактот што секој се чувствува компетентен да сугерира, критизира и донесува заклучоци.
Триаголникот на соработка поврзан со трите нерaскинливи алки, ученик-родител- наставник, речиси и не функционира.
Секоја алка од овој синџир има свое видување за изгледот на „ланецот“ наречен образование.
Во ерата на бесплатно школување се наметнуваат многу нови правила во чија реализација подеднакво се губат сите три претходно споменати категории .
Учениците како категорија околу која се вртат сите збиднувања добро упатени во системот на сопствени права најчесто, со чест на исклучоци, ги забораваат обврските и се создава круг од сомнителна тенденција .
Родителите, кои веќе оддамна го завршиле средното образование, носени од „времето“ кога биле ученици имаат свое видување и спомени што најнормално очекуваат истите да продолжат , но најчесто перцепцијата е  поразлична од очекуваното и ете проблем.
Гледајќи го системот на образование од аспект на родител кој треба да го „заштити“ сопственото дете, создава ситуации што барат разрешување и тоа токму во „триаголникот“ за кој зборуваме. Во тој триаголник не секогаш ученикот или не секогаш наставникот е во право, но разговорот секогаш ги вклучува трите фактори како најидеален инструмент за разрешување настанати ситуации.
И на крај категоријата наставник распнат меѓу административниот допинг и воспитно-образовната компонента останува да бара нешто помеѓу што во принцип ниту постои ниту смее да постои. Многу наставници или многу добро ја прифатиле и играат улогата на „современи наставници“ со чувство за современост или продолжиле да функционираат во традиционално веќе избледеан шаблон на функционирање.
Наставникот како дел од алката ја игра улогата на камелион и „вешто “се трансформира зависно од потребите на секојдневието.
Носени, секој индивидуално, од своите побуди овие три сегменти на образованието сликаат сопствена слика и очекуваат нивната перцепција да биде универзална, но субјективизмот го прави имиџот блед и без конечен резултат : заедничко уживање во сликата-образование.
Од секогаш имало и ќе има објаснувања, појаснувања за системот што е дел од секојдневното живеење на наставниците се со цел да се доближи „новото“ кон нив самите, но и кон родителите и учениците.
Овде некаде во тој волшебен триаголник осцилира директорот со сите квалитети и  слабости директно испровоцирани од карактерот на „неговата личност“, но и од наметнатите норми поврзани со образовниот процес. Поставен во улога на „амортизер“ треба да го најде идеалното решение за функционирање на триаголникот што претендира да се распадне во три самостојни линии. Оваа категоризација не е поставена во контекст за демонстрација на  тежината на работните обврски на директорот, туку да се предочи фактот дека решенијата се возможни само тогаш кога за нив подеднакво се расположени сите инволвирани страни , без лични предрасуди и со исклучителна доза на самокритичност.
Можеби флексибилноста од страна на сите инволвирани субјекти за почеток ќе биде доволна иницијална каписла за разрешување на вештачко создадените проблеми.
Промените по дифолт имаат тенденција на одбивање или прифаќање, но едно е сигурно, промените предизвикуваат несигурност и отпор што само со упорност и чиста мисла ќе наидат на вистинско решение.