Започна првиот ден од локалната рунда на Светскиот ученички куп

Директорката на СОУ „Јане Сандански“, Невенка Стојанова денес во големата сала на Центарот за култура во Струмица пред учениците, судиите, жири комисијата, професорите и волонтерите свечено ја отвори локалната рунда на Светскиот ученички куп која денес и утре се одржува во Струмица.

„Голема е радоста поради тоа што таа чест не ни припадна случајно, туку благодарение на големиот успех на нашиот тим од три ученички кои минатата година победнички го изодеа патот од Дубаи, преку Атина, па сè до универзитетот Јејл во САД, од секаде враќајќи се со одлични резултати и златни медали“ – рече Стојанова при отварањето на купот.

Средното училиште „Јане Сандански“ е домаќин на локалната рунда во Струмица и на истата учествуваат вкупно 386 деца од основни и средни училишта од цела Македонија и од регионот, правејќи ја рундата најголема од останатите локални рунди на Светскиот ученички куп кои се одржале до сега – велат организаторите на настанот.

Со 386 деца како учесници, оваа рунда според организаторите е најголемата ваква рунда на купот одржана до сега (Фотографија: Радио СтрумицаНет)
Со 386 деца како учесници, оваа рунда според организаторите е најголемата ваква рунда на купот одржана до сега (Фотографија: Радио СтрумицаНет)

Натпреварот е поделен на четири тимски настани во кои учениците преку практикување на англискиот јазик како еден од најзборуваните јазици во светот, ќе пишуваат есеи со аргументи на одредена тема, ќе одговараат на прашања преку заокружување и ќе дебатираат на секојдневни или необични теми.

„Не се работи за натпревар од познавање само на англиски јазик. Учениците кои учествуваат на овој натпревар освен доброто познавање на англискиот јазик, треба да имаат широки познавања од општа култура, добар став за дебата, добри ораторски способности, така да се работи за натпревар којшто бара комплетни личности како ученици“ – изјави директорката Стојанова.

На вториот ден кој ќе се одржи утре, сите натпревари ќе се случуваат во големата сала на Центарот за култура „Антон Панов“ каде што со тастери во рака учениците тимски ќе дадат одговор на стотина аналитички прашања. Најдобрите од оваа локална рунда ќе се квалификуваат на една од трите глобални рунди, од кои најблиската се одржува во Барселона, Шпанија.