Околу 400 ученици утре и задутре ќе се дружат на Светскиот ученички куп во Струмица

По постигнатите успеси на трите наши ученички Тијана, Магдалена и Ивана минатата година, Светскиот ученички куп утре и задутре ќе одржи регионален натпревар во Струмица на кој ќе учествуваат околу 400 ученици од Македонија и регионот.

Нашето училиште наредните два дена ќе биде домаќин на регионален квалификационен натпревар на Светскиот ученички куп, чија цел е да ги мотивира учениците да пронајдат нови интереси и да научат повеќе вештини, сето тоа преку зближување на ученици од целиот свет.

Свеченото отворање на натпреварот ќе се одржи утре со почеток во 13:00 часот во НУЦК „Антон Панов“, а веднаш потоа во просториите на СОУ „Јане Сандански“ ќе започнат и натпреварите. На истите, учениците преку практикување на англискиот јазик ќе одговараат на прашања, ќе пишуваат есеи и ќе дебатираат.

Идејата за одржување на регионален натпревар токму во Струмица беше најавена лично од „алпака-директорот“ Даниел Бердичевски, основач на Светскиот ученички куп, кој минатата година во месец септември беше во Струмица и го претстави купот.

Бердичевски минатата година лично го претстави купот во нашето училиште. (Извор: Архива)
Бердичевски минатата година лично го претстави купот во нашето училиште (Извор: Архива)

Овој натпревар е еден од повеќето регионални натпревари кои се одржуваат овој месец, а победниците на истиот ќе учествуваат на глобалниот натпревар во Барселона кој ќе се одржува од 22 до 27 јули и на истиот се очекува над 2,500 учесници од 50 земји. Најдобрите во Барселона ќе бидат поканети на „Турнирот на шампионите“ кој ќе се одржи на универзитетот Јеил во Њу Јорк, САД.

Шансата да биде град-домаќин на овој регионален натпревар Струмица ја доби по постигнатите успеси на нашите ученички Тијана Иванова, Магдалена Стојанова и Ивана Цветанова кои минатата година учествуваа на преелиминарниот натпревар во Дубаи, а потоа и на финалниот натпревар во Атина, Грција.

По нивните успеси во Дубаи и Атина, тие успешно се пласираа за учество на „Турнирот на шампионите“ кој се одржува секоја година на универзитетот Јеил, каде под менторство на професорките Верица Јанкова и Натка Јанкова освоија 4 златни медали.