Колку и да сметаат дека многу добро и промислено го одбрале училиштето каде да го продолжат своето образование и дека тоа е во склад со нивните карактеристики, не треба да заборават дека секој се школува за да работи и низ работата да обезбеди материјална егзистенција за себе и своето идно семејство, но и да ги оствари своите потенцијали. Затоа најважно од се е добро да се запознаат себе, да ги проверат своите потенцијални избори во соработка со стручно лице – кариерен советник. Никој не е способен исклучиво само за едно занимање (професија), потенцијални избори секогаш има повеќе.
Без разлика дали се наоѓате пред одлука која професија да ја одберете, или таа одлука веќе одамна сте ја донеле, важно е да се запрашате: во кој правец сакам да ја развивам мојата кариера? Одговорот на ова прашање ни малку не е едноставен, нити пак треба несериозно да му пристапите.
Голем дел од својот живот, дури 2/3 од него го поминуваме работејќи. Стручни лица веќе одамна препознале дека (не)задоволството во работата се пренесува и на останатите аспекти на нашиот живот. За да ја зголемиме веројатноста еден ден да ја изговориме реченицата која ни се чинела недостижна: „Работата ме исполнува и прави среќен“, потребно е да преземете одредени чекори…
Далеку познатиот „модел на скали“ кој подразбира постепено хиерархиско напредување во текот на работниот век внатре во една иста компанија, денеска веќе не е актуелен. Спротивно на него, на голема врата влезе пристапот кој вклучува самостојно планирање и развој на сопствената кариера. Личниот идеален кариерен план често не е можно да се оствари во рамките на една компанија, па стана честа појава луѓето смислено да ја менуваат работата и компанијата за да остварат максимално задоволство со својата кариера.
Kариерни советници: Катерина Милушева, Јованка Михаиловиќ, Софија Тошева и Гордана Василева