Текст на м-р Катерина Милушева – професор по македонски јазик и литература
Не, за девизата: Homo homini lupust est
Ако зад себе имате долгогодишна професионална поврзаност со деца, за кои лично сметам дека се најранливата категорија на општеството, тогаш со нив ве поврзува не само желбата да ве паметат по начинот на кој ја реализирате образовната компонента туку и по она уште поважното во животот – градење личности кои ќе знаат да направат вистински избор помеѓу доброто и злото.
Секојдневниот контакт со деца во многу чувствителна возраст само по себе ве тера на секого да му пријдете како на посебна индивидуа на која не е доволно само да кажеме дека на пример Толстој вели:
„На човековата природа своjствена е потребата за вистината која никогаш нема да дозволи да останеме во лажен или нестварен свет“, туку да покажеме што е навистина лажен свет во кој би можеле лесно да се впуштат.
Провокацијата за овој текст верувајте произлезе од повеќе воочени форми на однесување кои ми даваат за право да „помислам“, а не „заклучам“ (не би сакала да е така) дека за одредени етички вредности нашите ученици имаат искривени сфаќања. Егоизам, деструкција, нефлексибилност, вербални дуели на фејсбук кои понекогаш се и увертира за физичко пресметување, се (нај)чести начини на однесување кога е во прашање борбата за сопственото добро. „Јадењето“ меѓу себе што за волја на вистината светот на возрасните им го покажува на децата, е најлошиот пример во желбата секој да заземе општествено повисока скала во хиерархијата на секојдневието. Борбата за опстанок верувајте е вткаена во човековата природа, но не и по цена на жртвување на љубовта и пријателството.Треба да се биде мудар и да се научи како да се препозне раѓањето на омразата и најважно од сè, нејзино контролирање.
Конфучие тврди дека секој човек се раѓа мудар. Јас би рекла дека мудроста човек ја стекнува со созревањето. Има ли смисла да се живее само за себе или пак смислата на животот е во солидарноста, во љубовта и во жртвувањето за други? Не би требало да чекаме да размислуваме за ова прашање тогаш кога во нашите удобни и безгрижни животи неочекувано ќе се појави совеста и етичноста.
Секогаш да Ве води златното правило: „Како што сакате луѓето да постапуваат со вас, така и вие постапувајте со нив“!