Феноменот класен раководител

Текст на Анита Станковска – професор по музика

Класен раководител – привилегија или казна?

Некој ќе рече дека си привилегиран кога ја добиваш таа улога, а јас би кажала и двете. Зошто? Можеби желбата подеднакво да се грижиш и да ги водиш сите 34 ученика низ целото нивно средношколско живеење. Една од причините е и смелоста да бидеш замена за нивниот родител кој ќе ги следи нивните секојдневни напредувања и падови во училиштето. Ве прашувам, исто ли е да се грижиш за едно/две или за многу повеќе деца? Да се грижиш за нив како мајка, да ги критикуваш како судија, а да ги браниш како адвокат? Секако овде мислам на воспитно–образовниот аспект кој е мошне значајна алка за градење на една личност.
А децата се во најосетливиот период од нивниот развој… се соочуваат и со проблеми во љубовта, во фамилијата, во друштвото. Потребата да поразговараат со некој друг, а не со својот родител, е можноста класниот раководител многупати да биде слушател и советник.

До овде сè е како подмачкано, учениците ве сакаат кога сте жртви. Е сега, ако се свртиме од другата страна ќе видиме што сè не чини.
Класниот раководител е најголемиот виновник кога учениците имаат неоправдани изостаноци, најголемиот неверник за нивните божемски боледувања, бесмислени доцнења на час, измислени неодложни обврски и уште којзнае колку други оправдувања.
Штом инспекторот влезе во училницата мора да се справи со „криминалците“ за графитираните клупи и ѕидови, декоративните гуми за џваќање и отпадоци сместени под клупите, во ребрата на радијаторите…

Секогаш има повеќе опции за виновници. Од раководителот до техничката служба, а секако, над сите е класниот раководител.
Тој едноставно мора да биде роден инспектор за искреност или лаги.
Најголемата мака е да се најде средина на заемно задоволство меѓу него и децата. Не сум сигурна ни дали постои такво нешто.

И сиот гнев во очите на учениците се губи тогаш кога ќе прочекорат сами, надвор од училишните клупи. Дури тогаш ќе ја разберат грижата на дотогашниот четиригодишен нивен „непријател“, кој се обидувал по секоја цена да направи подобри личности од нив. Грижата која дала голема жртва, посветеност, труд и љубов.