Кога животот ни ја задава темата

Текст на Виолета Николова – професор по англиски јазик и литература

Кога животот ни ја задава темата „да живееме“ – дали ја фаќаме фрлената ракавица?

Многупати сум размислувала Фростовски за патот кој го избрав и оној по кој не тргнав. Зошто? Дали се покајав во некој момент? Секој грев го признавам ама на листата на работи кои најмалку ги правам е каењето.

Се наоѓате повеќето во оној критичен, згуснат момент – сè или ништо, сега или никогаш!

По кој пат вие ќе појдете? Што ви шепне срцето? Што ви вели разумот? Вечна дилема, но коцката мора да се фрли.

Што било – е, што е – ќе биде! Значи сме биле веќе на тоа место и ми се чини, знаете, дека ќе го послушате она немирно, непокорно срце. Ќе тргнете по вашиот пат, по патеката по која помалку се гази, затоа што предизвикот е оној кој нè држи живи.

Рационалното ќе превагнува понекогаш, но јас интуитивно знам кого ќе послушате и знам дека нема да се каете ако во професијата која ќе ја одберете одлучите да бидете оддадени, истрајни, непоколебливи. Ве гледам таму некаде во иднината, во првите редови, вас – идните глумци, писатели, лекари, инженери, професори, менаџери…

И знаете што? Скриен некаде во публиката има некој кој соучеснички ви намигнува: „Нели ви реков?“.