На разговор со Стаменка Џорлева

Иако деновиве професорката беше максимално ангажирана за случувањата поврзани со Струмичкиот карневал, успеавме да „украдеме“ дел од нејзиното слободно време за да поразговараме за актуелните случувања и ексклузивно за читателите на нашиот веб-сајт да допреме до дел од деновите на Стаменка Џорлева како ученик.65 stamenkadzorleva

  • ПРОФЕСОРКАТА ВО УЧИЛИШТЕТО

Да се вратите назад низ годините кога сте биле во училишните клупи, што ќе кажете за себе како ученик?
С.Џ. Јас бев ученик чие внимание тешко се задржуваше. За да внимавам на часовите прво требаше професорот да ми биде интересен и да го сакам. Инаку, во поглед на успехот бев одлична ученичка иако, да бидам искрена, повеќе учев за оценка отколку за знаење, што сега гледам дека ми било погрешно.

Секогаш постојат моменти на кои со задоволсто ќе се потсетиме. Можете ли да издвоите некои драги спомени од времето кога сте биле ученичка?
С.Џ. Темпераментот беше моја неизоставна карактеристика. Она по што јас бев препознатлива всушност беше постојаното смеење со мојата другарка. Многубројни се моментите кога тоа мое, да го наречам константно смеење, ме доведувало во некои непријатни ситуации со професорите. Постојат и случки кога честопати бев нарекувана девојчето што непрестано се смее.

Сите луѓе носат во себе различни карактерни особини. Што Вам најмногу Ви сметаше кај професорите, а што сега кај учениците?
С.Џ. Во мое време професорите беа многу монотони, во однос на начинот на предавање. Секој час скоро и да беше ист, пишување на табла и предавање на она што беше предвидено. На некој начин постоеше ограничување на креатиноста на професорите, а и на учениците. Сега како професор со повеќегодишно искуство, сум предавала на многу генерации и она што го воочувам од година во година и што сè повеќе ми смета е нивната незаинтересираност. Искрено сметам дека сите ученици баш и не доаѓаат на училиште со цел нешто да научат.

Како ученици секогаш имаме професија која посакуваме да ја достигнеме. Како кај Вас се јави желбата за економијата?
С.Џ. Јас избрав Економски факултет понесена од друштвото. Играв на картата каде сите таму и јас. Љубовта кон економијата се роди за време на моите студии. Инаку, поради тоа што мојата мајка беше професорка со долг стаж, јас отсекогаш сум се гледала како професор. Работата со деца секогаш ми била при срце.

Кои се петте клучни елементи кои формираат успешен час?
С.Џ. Првата работа којашто е од големо значење се предзнаењата на учениците. Исто така многу важна е и корелацијата на наставната содржина со некоја друга тема од секојдневието. На трето место би ја ставила работната атмосфера која ја прават учениците заедно со професорот двострано истакнувајќи ја својата креативност. Мотивацијата исто така е еден од сегментите за формирање успешен час. И за крај она што се нарекува „фидбек“. Преку повратната информација од учениците се согледува успешноста на часот и предавањето.

Дефинирајте ја најкратко улогата професор.
С.Џ. Секој професор треба пред сè да биде педагог, да биде правичен, искрен и што е многу важно во себе да негува млад дух, зашто никој не сака професор со застарени сфаќања и погледи кон светот, нели? (се смее)

Самооценувањето го барате кај учениците, а каква оценка би си дале самата? Дали сте строг или попустлив професор?
С.Џ. Јас за себе сметам дека не спаѓам ни во првата ни во втората група. Напротив јас сум личност со голема доза на самокритичност, која смета дека секогаш може подобро.

Неизбришлив траг во нашето сеќавање оставаат моментите на гордост кои сме ги доживеале кога нашиот успех бил награден. Кога Вие бевте најгорда на себе?
С.Џ. Благодарение на креативните и надарени ученици честопати сум горда на себе, на нив и на училиштето се разбира. Најгорда ме прават наградите за постигнувања на државно и меѓународно ниво, кои верувајте ги имаме многу.

Со која реченица би ги убедиле учениците да го засакаат Вашиот предмет?
С.Џ. Овде ќе го искористам добро познатиот цитат на Хенри Форд: „Конкуренцијата не започнува на работното место во фирмата, таа започнува уште во училницата.“

Долги години сте во организацијата при подготовките на училишните маски за Струмичкиот карневал. Како се доаѓа до вистинска идеја?
С.Џ. Најдобра идеја е да се има повеќе идеи. Дури тогаш се одбира она што се нарекува вистинското.

Кога сме веќе кај карневалот, дали оваа работа може да се нарече напорна и исцрпувачка ?
С.Џ. Јас и моите колеги кои работиме на карневалските маски максимално го искористуваме нашето слободно време, осмислувајќи ги и најмалите детали и ситници. Тежината зависи и од големината на групата. На оваа работа се нафаќаат креативни луѓе полни со ентузијазам, кој е многу битен во оваа работа. Иако сме подлежни на некакви жртвувања, сепак љубовта и жарот кој тлее за карневалот како долгогодишна традиција е најголемиот мотив за да дадеме се од себе.

Колку сте задоволни од резултатите од карневалот?
С.Џ. Карневалот пред сè е забава. Ние сме училиште без приходи и во рамките на нашите можности го даваме најдоброто од себе. Одовде апелирам  до другите училишта дека полето за натпревар не е карневалот туку натпреварите со образовен карактер.

  • ПРОФЕСОРКАТА НАДВОР ОД УЧИЛИШТЕТО

Државен или приватен факултет? Државен затоа што за мене приватните факултети се културно мито со коешто дипломата е загарантирана.
Талент или напорна работа? Талентот е почеток, а сè друго е напорна работа.
Мразам… лицемерство, 1-ви час од 1-ва смена и нелојалност.
Ме расположуваат успеси (не само лични, туку сечии), добро друштво и весели луѓе.
Во слободно време читам книги; исто така и готвам но не она редовно готвење ручеци туку сакам да експериментирам во кујната; креативната работа со помалата ќерка.
Им се восхитувам на луѓето што се носат со функцијата што ја имаат и оние кои се над секојдневието.
Не можам да одолеам на скапи чевли и Милка.
Не можам без… моите деца.
Како мала… бев многу буцко и весело дете. Еднаш се сеќавам дека на една училишна приредба од 4 стиха кои требаше да ги кажам јас кажав само 2 без никој да примети.