Шестмина наши ученици деновиве учествуваа на финалниот круг на меѓународниот натпревар „Математика без граници“ кој се одржа во Несебар, Бугарија. Двајца од нив успееја да се вратат со бронзени медали, а останатите добија пофалници.
Финалниот круг на меѓународниот натпревар „Математика без граници“ се одржа деновиве, од 30 јуни до 2 јули во Несебар, Бугарија. Ова е петти по ред ваков турнир, организиран од асоцијацијата „Образование без граници“ и Научно-образовниот центар „Innovation“ од Казахстан.
На натпреварот учествуваа околу 1.370 ученици од 8 до 18 години од Австралија, Азербејџан, Бугарија, Виетнам, Иран, Казахстан, Кина, Киргистан, Македонија, Малта, Мексико, Русија, Романија, Турција, Узбекистан и Филипините.
Бронзените медали ги освоија ученичката Билјана Витанова од прва година и ученикот Димитар Џорлев кој оваа година ќе го започне своето школување во нашата гимназија.
На натпреварот со пофалници се здобија и учениците Зора Лазарева, Симона Златанова, Катерина Стоилова и Дмитар Звонимир Митев. Учениците се натпреваруваа под менторство на професорите Елизабета Витанова, Елена Лазарова и Петруш Џорлев.