Вкупно 26 наши ученици одат за Барселона на Светскиот ученички куп

Вкупно 26 ученици од нашето училиште следната недела ќе бидат во Барселона каде што ќе учествуваат на полуфиналната рунда на Светскиот ученички куп. Тие се квалификуваа за оваа рунда по успесите на локалниот натпревар кој се одржа во месец април оваа година во Струмица, а чиј домаќин беше нашето училиште.

Со шест ментори од сите училишта чии ученици беа меѓу најдобрите на локалната рунда во Струмица, вкупно 43 ученици од цела Македонија од кои 26 од нашето училиште, во петок ќе одпатуваат за Барселона, Шпанија каде што наредната недела од 22 до 27 јули ќе учествуваат на полуфиналната рунда на Светскиот ученички куп.

На натпреварот во Барселона нашите ученици ќе имаат можност да се дружат со ученици од разни делови на светот и ќе ја поминат неделата во еден од предводечките туристички, економски, трговски и културни центри во светот.

Струмичката рунда на овој меѓународен ученички куп беше организирана откако трите наши ученички Тијана Иванова, Магдалена Стојанова и Ивана Цветанова на финалната рунда на купот која секогаш се одржува на Јејл универзитетот во Њујорк, САД, освоија 4 златни медали.

Рундата во Струмица беше посетена од околу 400 ученици од Македонија и регионот, а се одвиваше во просториите на нашето училиште и Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица. Самата рунда беше најавена од главата на купот, американецот Даниел Бердичевски кој беше во посета на Струмица во септември минатата година.

На овој куп учениците преку практикување на англискиот јазик како еден од најзборуваните јазици на светот ќе се натпреваруваат во повеќе области и секции во кои ќе треба да пишуваат есеи на кои ќе истакнат аргументи за одредена тема, ќе одговараат на прашања преку заокружување и ќе дебатираат на теми кои можат да бидат секојдневни, но и необични.