Минатата недела во Каунас, Литванија се состанаа претставници од шестте земји кои се дел од Еразмус Плус програмата Пробот на кој присуствуваа и нашите професори Софија Тошева и Елизабета Витанова, како претставници за одвивањето на проектот во нашето училиште.
Ова е трет состанок на претставниците од предвидените шест, така што првиот се одржа во Полска и вториот во Италија, а во февруари наредната година истиот ќе се одржи во Македонија.
На состанокот кој се одржа во средното инженерско училиште во Каунас, координаторот на проектот за Македонија, Софија Тошева, зборуваше за имплементацијата на проектот и направи негова дисеминација, а професорката Елизабета Витанова презентираше лекција на тема „Граф на линеарна функција“. Една од средбите се одржа на Технолошкиот универзитет во Каунас каде наставниците беа запознаени со принципот на високото образование во Литванија.
Како функционира високото образование во Литванија? – Во Литванија постои тесна врска меѓу средното образование, факултетите и бизнис секторот, што секако би требало да се примени и кај нас. Бизнис секторот бара профили и реализација на идеи од факултетот, истите работат на проекти, иновираат, а учениците од средното образование може да ги користат лабараториите и ресурсите на факултетот, доколку имаат идеи за иновации или учество на натпревари. Но, и факултетот секоја недела со свои претставници оди во училиштето за да идентификува нови идеи и да помага на учениците.
Во овој проект се вклучени ученици од Грција, Италија, Литванија, Полска, Словенија и нашето училиште како претставник од Македонија, и на истиот работат 25 наши ученици. Целта на Пробот е роботиката да помогне во презентирањето на лекции од природните науки — математика, физика, информатика, и да им помогне на учениците во програмирањето.
Во проектот учениците програмираат во програмскиот јазик Python и користат робот Лего Мајндсторм ЕВ 3, кој истите го крстија како „роботот Јане“. Проектот започна во ноември 2017 и треба да заврши наесен во 2020 година. На истиот работат и професорите Славица Милева Ефтимова, Ванчо Белчовски и Бобан Цветковиќ.
- Прочитајте повеќе за проектот Пробот во нашето училиште: Гимназијалци дел од меѓународен училишен проект за програмирање