Авторитетот не се купува – се стекнува

Текст на Борка Дончева – професор по социологија

АВТОРИТЕТОТ НЕ СЕ КУПУВА –  СЕ СТЕКНУВА      

          Каква е улогата на семејството во градењето на личноста? Огромна, најважна, најодговорна, најавторитетна.
Бидејќи семејството е примарниот агенс за социјализацијата на личноста тогаш неговата улога е најзначајна. Ја подзабораваме ли нашата улога како родители, воспитувачи, креатори на моралните вредности на нашите деца. Се чини – ДА.
И ние и нашите деца многу добро си ги знаеме сопствените граѓански слободи и права. Но,  имаме и голем број обврски, должности. Сепак, се чини дека тие малку тешко ни паѓаат.
Нашите деца забораваат дека нивна должност е на училиште да доаѓаат во  седум и триесет, а не во седум и педесет, во тринаесет и триесет, а не во четиринаесет и пет. Започнувањето  на часовите важи за сите исто, никој не е привелигиран да доаѓа кога сака.
Учениците треба да сфатат дека носењето книги, пенкала, ташни (не оние мали ташнички за вечерни излегувања), работна облека е нормално за сите ученици каде и да се, било во Англија, Тексас или Нигерија.
Совеста како внатрешен судија ги оценува нашите постапки. Колку проработува совеста на учениците кога станува збор за нивните однесувања за време на часовите, па уште повеќе и за време на одморите? Ова го кажувам затоа што ми се чини дека еден извесен број на ученици (за среќа нивниот број не е голем, но сепак ги има), доаѓаат на училиште колку да им помине времето, да се забавуваат со нивните врсници. Доаѓаат без ташни на училиште, речиси секојдневно доцнат на часовите, не се преоптоваруваат со учење, даваат празни листови на тестовите, прават голем број на оправдани и неоправдани изостаноци и не почитуваат ничиј авторитет.
Непочитувањето на авторитетот на родителите (или во полош случај непостоењето) се рефлектира и со непочитување на авторитетот и на професорите. Поддршката од одреден број родители дека однесувањето на нивните деца е такво затоа што се адолесценти, затоа што времето и општеството се такви, затоа што се четврта година и слично, мислам дека не е во ред. И останатите ученици се адолесценти, и за нив времето и општеството се исти и други ученици се четврта година, па сепак се примерни, учат, не доцнат на училиште, учествуваат на натпревари и освојуваат награди, не изостануваат непотребно, а носат и книги и ташни и го почитуваат ликот на професорот.
Каков пример им даваме на децата  со нашиот индиферентен однос кон нив, па и кон образованието? Сакаме ли од нив да создадеме чесни и корисни , почитувани и морални граѓани на нашето општество? Дали ни е сеедно какви личности ќе станат, какви особини ќе ги красат?
Колку сме успеале во нашиот живот не се мери само преку нашата кариера, пари, автомобили и останати материјални богатства. Нашиот успех се  гледа и преку нашите деца. Денес си навистина успешен родител ако си успеал кај своето дете да всадиш што повеќе морални, естетски, чесни, пријателски, творечки особини, односно ако си успеал да создадеш  човек во вистинска смисла на зборот.
Авторитетот на личноста не се наследува, ниту пак се купува, туку се стекнува со макотрпно долгогодишно искачување по вертикални стрмни скали низ животот. Авторитетот значи стекнување почит од околината, соседите, колегите, пријателите, семејството, соиграчите, соработниците…