На разговор со Елизабета Витанова

Во интервјуто професорката Елизабета Витанова открива дека била ас за граматика, нејзиниот глас се слушал низ цело училиште, но и дека извесен период сакала да студира стоматологија.
Дознајте го нејзиното мислење за кабинетската настава, државните и приватни универзитети и начинот на кој го поминува своето слободно време.

  • ПРОФЕСОРКАТА ВО УЧИЛИШТЕТО

Каков ученик бевте Вие? Како ќе се однесувате кога денес би имале можност да се вратите на ученичките клупи, но и да го понесете со себе досегашното стекнато искуство? 
Е.В. Отсекогаш сум била одличен и примерен ученик. Денес не би го променила своето однесување и пристап кон образованиот процес. Би била повторно ист ученик!

Иако додека сме на училиште сакаме што побрзо да заврши, сепак најинтересните моменти кои остануваат дел од нашите најмили сеќавања се случуваат на часовите. Споделете со нас некој незаборавен момент од вашето образование.
Е.В. Бевме средно кога цел клас побегнавме од часот по физика. Причината беше изненадниот тест што нè очекуваше. Професорката ни беше толку многу налутена што подолг период часовите ги поминуваше седејќи и предавајќи свртена со грбот кон нас.

Сите луѓе носат во себе различни карактерни особини. Што Вам најмногу Ви сметаше кај професорите, а што сега кај учениците?
Е.В. Во моето време постоеше голема далечина на релација ученик-професор. Тоа во одредени случаи може да влијае добро, бидејќи стравопочита резултира со поголема дисциплина. Сепак сметам дека во некои ситуации потребно е да постои поблиска релација. Не дека нешто посебно ми смета сега кај учениците. Едноставно секоја нова генерација е поразлина од претходната, но заедничко за новите генерации е тоа што сакат да добијат повисоки оценки со помалку знаење и помалку вложен труд.

Како ученици секогаш имаме професија која посакуваме да ја достигнеме. Како кај Вас се јавува желбата за математиката?
Е.В. Уште во првите школски години се роди љубов кон математиката како многу интересен предмет. Потоа се јави интерес за информатика. Никога не ме привлекувале предмети кај кои има многу текст за учење. На крај, во четврта година, пред завршување на учебната година се појави желбата за стоматологија. Конечната одлука падна непосредно пред приемните испити. Избрав информатика.

Дали се сеќавате на Вашиот прв работен час?
Е.В. Се сеќавам дека беше во клас од втора година каде што голем процент од учениците веќе ми беа познати. Интересно беше што првата моја комуникација со нив се одвиваше на струмички дијалект за подоцна да почнам да предавам литературно. Немав трема, сакав само учениците да го сфатат материјалот што го предавам, а до денес тоа е мојот приоритет!

Кои се петте најклучни сегменти кои кога ќе се склопат формираат успешен час?
Е.В. Работна атмосфера, висока концентрација, добра концепција на излагање на наставниот материјал, повратна информација од учениците дека ја разбираат лекцијата и слобода на изразување, прашување и самооценување на учениците.

Дефинирајте ја кратко улогата професор.
Е.В. Пред сè треба да биде педагог, личност со авторитет во која учениците имаат доверба и ја чувствуваат доволно блиска за да споделат секаков проблем. Професорот, секако, треба да знае како да го пренесе знаењето на учениците.
Тоа е професија која навидум изгледа многу лесна во очите на оние кои не ја работеле. Без оглед на возраста на учениците таа професија е доста комплексна. Не е само пренесување знаење, испрашување и оценување туку за да бидеш успешен наставник, според мене, пред се треба да ја стекнеш довербата и почитта од учениците. Ако се оствари таква соработка тогаш успесите се неминовни.

Ведрината која го краси Вашиот лик низ училишните простории е доказ дека уживате во Вашата работа.
Е.В. Кога студирав имав други очекувања за мојата професија, но се случи да бидам наставник. Можам да кажам дека ме исполнува професијата. Што ме прави посебно среќна во оваа професија? Тоа е сигурно комуникацијата со учениците. Тие се неисцрпен извор на инспирација, со нив си вечно млад. Ме исполнува работата со учениците, посебно со талентираните ученици.Тие се секогаш креативни, подготвени за соработка и дружење. Се радувам на нивните успеси.

Самооценувањето го барате кај учениците, а каква оценка би си дале самата? Дали сте строг или попустлив професор?
Е.В. Никогаш не сум размислувала да бидам одреден тип на професор, во крајности: строга или добра. Сметам дека секогаш сум искрена со учениците. Моето однесување кон нив е спонтано, баш такво како што наложуваат моменталните услови. Сакам работна атмосфера на час, но не и до степен да не смее да се „шушне“ за време на часот. Никому не му е вишок по некоја смеа за пријатно расположение. Максимално се трудам да го изложам материјалот на поедноставен и полесно разбирлив начин на учениците и не жалам труд доколку треба нешто да се повтори и објасни и по неколку пати. За возврат барам единствено кога треба да се покаже на дело знаењето што е стекнато, тоа да биде комплетно.

Неизбришлив траг во нашето сеќавање оставаат моментите на гордост кои сме ги доживеале кога нашиот успех бил награден. Кога Вие бевте најгорда на себе?
Е.В. Има повеќе незаборавни случки. Секако најмногу се паметат првите, како што е мојата прва награда за освоено прво место во петто одделение на натпревар по македонски јазик. Тогаш мојот успех го објавија преку разгласната станица, а јас бев пресреќна. Бидејќи натпреварот се состоеше и од граматички тест, оттогаш професорката мене ми ја доделуваше улогата наставник за лекциите од граматика. Што се однесува на сегашната моја работа пресреќна сум кога моите ученици добиваат награди како резултат на напорната работа, вежбање и решавање задачи за натпревари.

Од оваа година нашето училиште започна со кабинетска настава, па и Вие го добивте своето ново катче. Колку Ви служи кабинетот по математика?
Е.В. Откако добивме кабинети наставата ја одржувам таму. Предностите се големи, вклучувајќи го фактот дека може да се користи компјутерска технологија. Од друга страна, колку што помагаат – компјутерите и одмагаат бидејќи го одвлекуваат вниманието на учениците. Од досегашното мое искуство, конкретно за мојот предмет, кабинетската настава е поефектна само доколку се одржува на часовите за кои е неопходна.

Со која реченица би ги убедиле учениците да го засакаат Вашиот предмет?
Е.В. Сигурно нема да се сеќавате на задачите кои ги имаме решавано, но математиката го развива логичкиот начин на размислување и расудување кој за многу работи во животот ќе ви послужи.

  • ПРОФЕСОРКАТА НАДВОР ОД УЧИЛИШТЕТО

1. Не можам да одолеам на… слатки, а посебено обожавам баклави и тулумби. Колку поблаго – толку подобро.
2. Им се восхитувам на… луѓето кои и невозможното знаат да го направат возможно. За мене идоли постојат меѓу обичните луѓе. Не мора да бидат јавни или популарни личности туку луѓе кои се упорни и истрајни во она што го работат.
3. Не можам без… вода, благо и добар сон.
4. Во слободното време… гледам добар филм, слушам музика, се дружам со пријателите и секако решавам задачи.
5. Мразам кога… треба да станам рано наутро и кога ме лажат без причина.
6. Ме расположува… добра музика, пријатно друштво и добар виц.
7. Како мала… добив прва награда за пеење на настава во природа – во основното, па учителката често ме праќаше низ останатите училници да им ги пеам новите песни кои ги учевме. Една моја другарка уште знае на шала да каже „требаше да станеш пеачка“.
8. Талент или напорна работа? Се сложувам на тезата дека талентот е застапен со многу мал процент. Добриот резултат се постигнува врз основа на напорна работа и посветеноста.
9. Никогаш не… ама баш никогаш не се лутам кога некој доцни, бидејќи секогаш јас сум таа што доцни.
10. На државен или приватен факултет? Бидејќи сум од генерацијата која студираше на државен, сè уште сметам дека тие обезбедуват поквалитетен кадар… барем сè додека парите се движечка сила во нашето општество. Треба да помине уште многу време за приватните да дојдат до приближно ниво со државните.

1158 Вкупно 1 Денес