Да започнеме со по една песна – аудиција за хористи

Без разлика на возраста или полот, за почеток доволна е желбата да се започне учебната година со по една песна!предталентшоу

Ако летото има крај и го заменува есента или ако распустот е заменет од учебната година, во текот на животот на една млада личност нешто што нема замена и постојано трае е музиката. Утрински аларм, омилената музичка ТВ или радио станица за ефективен почеток на денот, пријателските поздрави со актуелните песни, денските кафе-шеми и вечерните излегувања во бучните клубови. Насекаде музика. Постојано музика.

Училишното ѕвонче го дава првиот и основен звук во секое училиште. Во нашето училиште кабинетот по музика е местото каде што се создава вториот најважен звук – средношколската хорска и инструментална музика.

Една од слободните и проектни активности во нашето училиште е хорското пеење кое секоја година привлекува 70-тина талентирани ученици. Во својата програма има минимум два годишни концерти, државен натпревар и 10 јавни настапи на настани во Струмица.

Овој вторник и четврток, во периодот од 12:30-13:30 часот во кабинетот по музика (сместен меѓу први и втори кат, кај скалите) диригентот Анита Станковска ќе ги пречека сите љубители на музиката и млади таленти кои наскоро ќе ја создадат музичката група којашто треба да го оправда досегашниот успех на хорот при СОУ „Јане Сандански“.

„Првите неколку дена сите сме уште под импресии од своите летни доживувања. Вратите од кабинетот се отворени за сите расположени и заинтересирани за дружење. Со музика да си посакаме добро да ни тргне учењето, а и работата во новата учебна година да ни помине лесно, баш како песна“, посакува професорката Станковска.

Присуствувајте на првата формална средба и влезете во процесот на создавање, одржување и презентирање групна работа исполнета со забава и пријателство. Дајте му музика на вашиот средношколски живот!