Сеќавање: Запишувањето на хор е наша најдобра одлука!

Минатата година во ноември се одржа шоу на таленти од училиштето каде 20-тина ученици ја покажаа својата љубов кон музиката. Половина од нив беа ученици од прва година кои одлучија дека преку музиката ќе стекнат популарност, самодоверба и самопромоција која како и секогаш е неопходна токму во новата средина. PicMonkey Collage
Oттогаш продолжија учествата на натпревари и настапи во текот на целата година. Денес тие ученици се повторно дел од секцијата хор во училиштето, побогати со знаења ама и музички искуства. На првата аудиција која се одржа вчера ним им се приклучија вкупно 10 нови хористи.

Непосредно пред утрешната, втора аудиција во кабинетот по музика, ги освеживме сеќавањата на ученички од втора година кои лани собрале храброст да се појават на аудицијата. Останатото е веќе познато. Сања Лазарова, Ана Цамбулева и Сања Барбутова се клучна алка на сите концерти и музички настани на кои учествува училиштето.„Љубовта кон музиката беше најсилниот магнет кон вратите на училиштниот хор. Со повеќе труд видов дека успесите доаѓаат сами по себе“, започнува Сања Лазарова која прв пат стапна на сцена во Дом на АРМ на талент шоуто во 2013 година.

„На почетокот од прва година покрај новата средина се среќаваме и со нови соученици и нови професори кон кои не чувствуваме блискост како во основното училиште. Така минатата година имаше распишано конкурс за нови хористи. Бев во дилема. Дали ДА одам или да НЕ одам. Не знаев каква ќе биде реакцијата од присутните ученици и професорката со кои освен што се сретнав за прв пат требаше и да пеам пред нив. Одлучив да одам.“, Ана Цамбулева ни ги пренесува своите лански дилеми.

Сања Барбутова пак, одамна ги следела настапите на музичарите од нашето училиште – како поддршка на нејзиниот брат.

„Постојано слушав пофални зборови и присуствував на секој настап на хорот. Мојот брат беше дел од оркестарот и ми го споделуваше чувството да се настапува на сцена.“
Со насмевка се сеќаваат на своите први моменти со микрофонот и остварување на желбата да се настапи пред публика.

„Дружбата меѓу нас за време на пробите и излегувањето пред публика се неопишливи чувства. Вреди да се доживеат тие моменти!“, вели Лазарова.

Цамбулева беше дел од сите музички настани во училиштето, но малку недостигаше да го пропушти тоа искуство:
„По позитивниот одговор на професорката Станковска која кон мене се однесуваше како да ме знае цел живот чувствував неизмерна среќа, но и загриженост дали ќе можам да ги исполнам нејзините очекувања. По долго убедување собрав храброст да учествувам на талент шоуто, а по натапот освен страв од реакцијата на другите, стекнав и самодоверба и задоволство кои ме мотивираа да продолжам понатаму со пеењето“, се присетува Цамбулева.

Слични први впечатоци ни раскажува и Барбутова: „Стравот и тремата при излегувањето на сцена на талент шоуто по доживеаната реакција од публиката се претворија во највозбудливиот момент кој некогаш сум го доживеала. На божиќниот концерт пак имав чест да настапувам пред две преполни сали! Неизмерна радост!“.

Ученичките со силни причини им препорачуваат на новите ученици без двоумење да се пријават на хор. Велат дека дружбата се истакнува пред сè.massum

„Заедничкото дружење надополнето со радоста на секој наш постигнат успех се прекрасни моменти. Постигнуваме сè што сакаме затоа што ние функционираме како едно! Како дел од хорот најпрво ќе ја добијат популарноста и затоа голема чест е да се биде дел!“, раскажува Лазарова.

„Дури кога станав дел од хорот се уверив дека ни најмалку не сум згрешила во одлуката. Многубројните проби станаа најубавиот дел од мојот ден. Прекрасно е да се биде во друштво на позитивни луѓе и предобрата професорка на која и припаѓа заслугата за сите мои успешни настапи“, споделува Барбутова.

„Во текот на годината учествував на различни настани. Со секој нов настап на различна сцена и пред различна публика сè повеќе и повеќе растеше моето задоволство и самодовербата. Од соученичките кои немаа храброст да го направат првиот чекор видов колку сум добила. Со секој нов настап бев по една скала поблиску до успехот. И се уште ќе чекорам, на идните настапи во текот на моето школување“, заклучува и мотивира Цамбулева.

Утре во 12:30 часот во кабинетот по музика ќе се случи втората аудиција на нови хористи и идни солист, момчиња и девојчиња, без разлика на годината во која учат. Сања Барбутова со порака до сите неодлучни ученици:
„Не плашете се да го покажете тоа што го поседувате бидејќи навистина времето на проба поминува мошне забавно. Ќе добиете и поголема самодоверба“.

Дали сè уште сте во дилема? Отрчајте во кабинетот по музика – прво скалило до новите достигнувања!