ДУЕЛ: Има ли цел интерактивната настава?

Новиот и сè почесто применуван метод во училиштето е актуелен кај професорите, но и кај учениците. Едните се трудат максимално да го искористат за полесно да го пренесат материјалот и да ги задржат учениците внимателни, а другите пак бараат од професорите поголема креативност и предавања кои ќе им го привлечат вниманието. Прочитајте ги спротивставените мислења на професорката Зорица Витанова и ученичката Мануела Златкова.Зорица Витанова – професор по англиски јазик

Секој професор се труди да го привлече вниманието на учениците и да го избегне постојаното погледнување на часовникот за време на часовите. Едно предавање е успешно доколку сите ученици, или барем поголемиот дел, покажат интерес за темата за која професорот зборува и би ги поттикнало да истражуваат и дома. За да се постигне таа цел,професорот користи различни начини и интерактивни методи кои бараат максимално вклучување и од страна на учениците. Значи, учениците учат со помош на соработка, работат во парови и групи, споделуваат информации, дискутираат. Така се активираат и оние „понесигурните“ ученици кои инаку ретко се охрабруваат да учествуваат во наставата.

Сè поприсутна е и компјутерската технологија во наставата, како и предавања преку слајдови, така што со вметнување на слика, аудио и видео материјал во презентацијата се задржува вниманието на учениците.

Сепак, постојат предмети кои се изучуваат кај кои би било залудно предавања на ваков начин.Тоа најчесто се предмети со теми со кои учениците се среќаваат прв пат и за кои имаат многу малку предзнаења. Тука, иако најнепожелно за процесот на настава сепак најефикасно би било класичното предавање кое ученикот го става во пасивна улога на слушател, а професорот е тој кој е активен цело време.

Мануела Златкова – ученик во втора година

Последниве години во нашето образование сè поприсутна е т.н. интерактивна настава на часовите чија замислена цел е целосно вклучување на ученикот во она кое треба да се презентира на часот. Сè повеќе професори се трудат да го следат овој начин на реализација и во нашите очи ова изгледа како „тренд“. Интерактивната настава изгледа доста интересно на одредени предмети, но за жал некои предмети не трпат ваков вид предавање. Всушност, тука и настанува проблемот бидејќи некои предметни професори имаат желба да применат новина во класичното предавање, но немаат вистинска идеја како да го сторат тоа. Факт е дека еден ученик не може да направи паралела меѓу две нешта од кои едното му е речиси целосно непознато и дека целосно неефективно е распределувањето на една лекција меѓу учениците. Така учениците го учат доделениот дел од целината и немаат желба да го учат останатото, а ниту пак време на самиот час бидејќи додека другите презентираат тие го користат времето за последни подготовки за нивната презентација.

Сепак, најлошиот дел од оваа организација на интерактивен час е претворањето на професорот во пасивен слушач кој го следи случувањето. Дел од професорите чии предмети не трпат вакво предавање прават грешка при тоа што ниту го надополнуваат ученикот или му сугерираат како е правилно, а на крај дури и да постои желба за тоа не ни останува време.

Интерактивен час – да, но со добра организација. Мое мислење е дека ваквиот час треба да се примени дури откако ќе се запознаат учениците со материјалот и тоа на некој начин да добие натпреварувачки карактер меѓу самите ученици и да биде мотивација за истакнување пред останатите.