ДУЕЛ: Што со релацијата професор-ученик?

Првиот текст од новата категорија е одговор на прашањето за актуелните случувања на релација професор-ученик, но и проблеми кои се провлекуваат со генерации, а никој не посегнува по нивно решавање. Знаејќи дека врската помеѓу овие две групи (професори и ученици) е нераскинлива и есенцијална за добро образование за оваа тема јавно прозборија професорката Весна Велкова наспроти ученикот Мартин Мајсторов. Една тема – различни мислења!

Весна Велкова – педагог и професор по педагогија

Релацијата е комплицирана отсекогаш, а особено влијание врз неа имаат новите услови во кои живееме денес. Јасно е дека моралните вредностите за живеење се изместени. Стручната служба е овде да работи со учениците кои не ги почитуваат своите професори и ја прескокнуваат границата до која може да одат при комуникација со нив, а таквите ги има. Важно е да се знае дека детето е огледало на родителот и какво воспитување добива од дома тоа го применува и надвор.

Во релацијата професор ученик најважни се: двострана ПОЧИТ и третман на ученикот како ЛИЧНОСТ. Верувајте, мошне едноставно е да се создаде цврста и добра релација ама само ако вие како професор не ја повредувате личноста на ученикот. Мошне важно е и да се почитуват рамките, а тоа значи професорот мора да се држи до својот авторитет притоа застапувајќи го демократскиот начин на работа. Некогаш учениците бараат премногу. Некои ученици не се раководат според кодексот којшто е јавно истакнат. Сметам дека ако професорот знае да ги слуша потребите на учениците и да им посвети внимание тогаш таквата релација ќе биде на беспрекорно ниво.
Во просториите на училиштето мора да постои растојание, а сепак ученикот да знае дека професорот е тука за него и за неговото образование.
Мартин Мајсторов – ученик во трета година
Според поминатото досегашно образование сфатив дека за да се подобри релацијата професор-ученик најпрво треба многу, ама многу да се работи на културата и однесувањето на учениците и професорите, ама и на начинот на работа со ученици – педагошкиот сегмент.
Гледано од страна на ученик мислам дека ако професорите сакат работата да тече ефективно за нас и без проблеми треба да ги анимираат учениците со свои интересни методи, ама никако да не се дозволи лудување на часовите. Тоа се случува и тука настанува проблем! Значи, дисциплината е прв предуслов за добар однос професор-ученик и обратно.
Ќе се сложам со професорката дека, каков однос има професорот кон мене – таков ќе имам и јас кон него, а за жал често се случува сите да не бидеме еднакво третирани.
Според мене, релацијата професор – ученик излегува надвор од граници со нови и досега несвојствени начини на комуникација. Лично мене, не ми е педагошки коректна врската помеѓу учениците и професорите на социјалните мрежи. Пријателства со професорите треба да се развиваат внатре во училиштето, а не надвор од него со коментари на слики и слично. Оттука, гледам дека едноставно ја нема границата професор-ученик.
Авторитетот на наставното лице полека, но сигурно почнува да се губи. Револтот кај учениците кои вложиле максимален труд, а не добиле доволно внимание или мотивација од професорот создава проблем во таа релација. Ми се чини дека кога професорите ќе ги гледат сите ученици со исти очи, тогаш нема да зборуваме за проблем меѓу овие две групи.

Ако не сме сите еднакви, тогаш образовниот систем нема цел и успехот ќе се мери врз база на нашите бројни или небројни пријателства.