Извештај: Прв ден од екстерното

Денес со почеток од 9:30 започна екстерното тестирање во Македонија, како и во нашето училиште. Тестирањето траеше 60 минути, а помеѓу термините за тестирање имаше пауза од 30 минути. Вториот термин за полагање започна со доцнење од 30 минути.fakultetiПрвиот ден опфаќаше тестови по математика и ликовна уметност. Ако доцнења и проблеми на државно ниво генерално го одбележаа почетокот на екстерното во нашето училиште беа сведени на минимум.

„Единствена и најголема забелешка е што некои од прашањата беа двосмислени и потешки. Исто така не бевме доволно запознаени со тоа што може да понесеме со себе како помагала“, изјави ученик од втора година кој беше дел од тестирањето по предметот математика, кој е патем и најобемен на ова екстерно.

По завршувањето на тестовите заменик директорката на Државниот испитен центар, м-р Благица Ласовска ја извести јавноста дека прашањата кои не се отворија целосно при екстерното тестирање кое за прв пат се спроведува во Македонија ќе се исклучат од бодирањето.

„Се одвиваше во добар ред во поглед на системот и дисциплината, додека за прашањата и задачите не можам да го кажам истото. Имено, ученици од различни смерови на образование требаше да решават задачи со иста тежина што навистина не е во ред. На почетокот секој ученик добива свој пин со кој се логира и започнува со решавањето на задачите. Времето е точно 60 минути без никакви одолговлекувања. Имаше случаи каде една задача се повторува двапати. Според мене треба уште да се поработи на организацијата на тестирањето за се да биде в ред“, објаснува Стефанија Стамболиска, ученик во трета година.

Почнувајќи од денес, па до 10 јуни ќе бидат тестирани вкупно 200.000 ученици и 15.000 професори.

„Бев тестатор на ученици кои полагаа математика и ликовно и се соочив со слабата информираност на учениците за користење на помош. За учениците кои полагаа ликовна уметност најголем проблем беше тоа што само 15% од прашањата биле од учебникот по кој тие учеле цела година, како и проблемот со отворањето на сликите на делата кои требаше да ги препознаат“, рече професорката Билјана Костадинова.

Впечатоците се индивидуални и субјективни, па оттука и различни очекувања за тежината на прашањата. Некои велат дека не очекувале да поминат толку лесно, други пак не можеле да ги сфатат прашањата и морале да ги препрочитуваат неколку пати.

„ Во училницата бевме 5 ученика (многу помалку отколку што беше планирано). Прашањата беа прилично лесни, со исклучок на едно кое беше вон-материјалот кој го изучуваме во втора година. Системот функционираше добро и сум прилично задоволна бидејќи очекував да биде многу потешко“, изјави ученичката Виолета Џорлева.

За некои лесно за некои не. Како и да е, едно е јасно – треба подготвени да се појавите на тестирањето и да заборавите на сите предрасуди и претходнo слушнати гласини. Топката е во ваши раце!