Извештај: Втор ден од екстерното

Денес помина вториот ден од првото екстерно тестирање во нашата држава каде на испит е ставено 101 средно училиште.Во нашето училиште денес учениците од прва и втора година решаваа тестови по музичка уметност, а кај оние од трета актуелни беа стручните предмети: бизнис, сметководство и економија.

За разлика од минималните пропусти од вчера, денес системот работеше без никакви проблеми, а и помеѓу учениците се чувствуваше помала тензија.

„Прашањата беа многу лесни, успеав да ги одговорам сите без претходно да преповтарам многу”,  вели ученичката од трета година, Миланка Чалшева која денес беше тестирана по економските предмети.

Засега, единствен проблем кој се појавува се некои прашања кои не биле опфатени со наставниот материјал или не се од тековната учебна година туку од минатата.  Тоа е последица на различните учебници од кои се учи во различни училишта.

Одговорот на прашањето дали оценките кои ќе ги добие ученикот ќе му бидат впишани во свидетелство сè уште виси во воздух. Јасно е само дека наставникот кај кој ќе има најмногу отстапувања од оценките кои тој ги дал на крајот од учебната година ќе биде пратен на советување, или ќе добие помала плата, а доколу тоа му се случува неколку години по ред може да добие и отказ.
„Денешните групи поминаа добро и непречено се реализираше тестирањето. Тестаторите имаат важна улога затоа што дисциплината е клучна за резултатите на крај да бидат реални. Приметив дека учениците од економската струка имаа проблеми со прашањата кои беа многу општи и едноставни“, објаснува еден од денешните тестатори на учениците од трета година.
Оценките на учениците ќе им бидат соопштени по 10 јуни. Со екстерното тестирање кое од годинава е задолжително за сите ученици од четврто одделение до трета година средно училиште ќе се намали субјективноста во оценувањето на наставниците, поправањето оценки врз основа на врски и притисоци, а учениците ќе мораат да учат повеќе за знаење.Утре на ред е тестирањето на знаењето на учениците по историја за I, II и III година, конституционо уредување за I година и ликовна уметност за I.