Концерт за паметење, концерт за гордост!

Локалните телевизии и портали ги најавуваа подготовките, националните медиуми ги споделуваа најдобрите инсерти, а струмичани сè уште ги држи еуфоријата од прекрасниот празничен подарок кој им го подарија нашите ученици.joyНесомнено, пуштените 1.500 влезници и двата термини за концерт беа малку и не можеа да ги задоволат желбите на сите заинтересирани струмичани.

Оние најхуманите започнаа да ги носат своите подароци под елката во текот на денот, иако немаа обезбедено влезница за присуство на концертот.

Веселите лица на членовите на партнерската организација Младински совет кои го подготвија божиќниот амбиент во холот на НУЦК „Антон Панов“ ги пречекуваа гостите и им најавуваа добра забава.

Пристигнуваа струмичани од различни возрасти, од различни краеви на градот, со различни сфаќања на музиката, но со многу почит, поддршка и желба да го слушнат и да уживаат во трудот кој го вложија 70-тина ученици, средношколци.

Како и што беше најавувано, како и што беше очекувано – сцената блесна со грациозните креации на професор и диригент Анита Станковска! Единствениот активен хор во нашиот град на овој настан беше промовиран и како МЕШАН хор, откако претходните години 99% од неговите членови беа девојки.

Гитарите, клавирот, синтисајзерот, флејтата, саксофонот, хармониката, ударалките, тапанот, виолината беа инструментите со кои професорот Денис Кирчанов ги подготви уникатните аранжмани на сите 15 изведени композиции.

Со насмевка на лицата, со подарена љубов преку песна, сите на сцената беа во улога на туристички водичи на преполната сала. Преку веселите звуци се прошетавме до Италија, Шпанија, Австрија, Унгарија, Русија, Франција…

Доказ за успешноста на ова симпатично спакувано музичко остварување се громогласните аплаузи, барањето БИС и бројните коментари кои сè уште не згаснуваат.

Дефинитивно, традицијата продолжува, од АРМ, до НУЦК „Антон Панов“, преку Мјузиклот за Тоше со рекордна посетеност и до двата грациозни концерти кои ја донесоа Виена во Струмица.

На крај, СОУ „Јане Сандански“ се гордее со трудот на своите ученици и професори кои создадоа реномиран настан за кој се подготвуваа нешто повеќе од еден месец, одработувајќи шест саботи!