На разговор со Весна Велкова

Педагогот на нашето училиште ни раскажа како ја организирале нивната матурска вечер, ни ја објасни соработката со учениците, професорите и родители. Прочитајте го интервјуто за да дознаете на што не може да одолее професорката или кои модерни музичари најмногу ги слуша. 

  • ПРОФЕСОРКАТА ВО УЧИЛИШТЕТО

Најстандардното прашање кое го добија сите професори со кои досега разговаравме во оваа рубрика не води назад во Вашите училишни денови. Каков профил на ученик бевте?
В.В. Како и сите средношколци, на почетокот бев многу уплашена. Понатаму, како што одминуваа месеците и ден по ден се нижеше искуството во клупите станав многу борбена. Признавам дека имав цврста верба во моето знаење и затоа ја барав оценката која ми треба и секогаш ги барав моите права. Понекогаш тоа завршуваше и со кавга, но мојот „напад“ беа фактите. Ако зборуваме за предметите, тогаш општествените ми беа и омилени и лесни за учење. Честопати бев посетител на политички школи каде што имаше многу дебати. Ја сакав и математиката, ама едноставно не ми одеше и ми создаваше нервоза. Тогаш имав огромна желба моите деца да бидат добри математичари и ете, за среќа, тоа се оствари!

За Вашиот хемиско-биолошки клас многумина повозрасни професори велат дека бил извонреден спој од генијалци, но и ученици кои знаат како да се забавуваат. 
В.В. Навистина бевме карактеристични и по успехот и по темпераментот. Ретко се среќава таков состав на ученици каде што од вкупно 30 дури 29 се одлични. Зборуваме за времето на 80-тите, а тогаш и не беше толку лесно да се достигне врвот кај голем дел од професорите. Доказ за интелигенцијата е тоа што денес сите се на високо-образовни функции и успешни во своите професии.
И генерацијата ни беше многу револуционерна. Бевме првите коишто го променија класичниот дух на матурските па вечерта не ја поминавме со пунџи и многу шминка на себе туку во опуштена секојдневна гардероба. Најважна и најкарактеристична беше програмата која ја подготвивме за таа вечер каде што неколку ученици-момци, меѓу кои и јас, имитираа професори – прераскажуваа најинтересни ангедоти, изрази кои најчесто ги употребуваа. За среќа, ваквиот духовит момент беше одлично прифатен од професорите кои слатко се насмевнуваа и се надевам дека им остана како добар спомен од нашата уникатна генерација. Во сеќавање ќе ми останат игранките во Дом на АРМ за чијашто организација се погрижувавме комплетно сами.

Како дојдовте на идеја да работите како педагог во истото средно училиште каде што ги имате поминато најубавите моменти од животот?
В.В. Желбата се роди одамна, а по завршувањето на факултетот секогаш кога ќе поминев покрај училишната зграда си помислував: „Ех, само кога би била педагог овде“.

И тоа и се оствари! Веќе седум години сте дел од училиштето како педагог и професор. Колку лесно се навикнавте на таквиот статус, знаејќи дека таа професија силно сте ја посакувале?
В.В. Многу прашања беа поставени пред мене, а одговорите требаше да ги пронајдам. Не знаев како ќе бидам примена ниту што конкретно ќе треба да работам. Остварувањето на сонот беше збунувачко, испреплетно со страв и грч бидејќи треба да работам со деца во пубертет. Ме водеше напред преголемата желба да се сеќаваат на знаењето кое ќе им го пренесам и советите кои ќе ги споделам. Интересно беше што на почетокот колегите мислеа дека доаѓам во училиштето како родител да прашам за моите деца.

Објаснете ја од Ваша гледна страна функцијата педагог во нашето училиште, врз база на досегашното искуство во таа професија.
В.В. Работата се состои од два дела: со ученици и со професори. Овде сум да им помогнам на учениците за проблемите околу совладување на наставата, советување за лични проблеми. Како нивен педагог сум достапна во неограничен временски период, дури им го оставам и мојот телефонски број и целосно сум им на располагање. Мојата љубов кон децата и желбата да се остави трага во животот на една млада личност која ќе му помогне во понатамошниот живот на приватен и професионален план се огромни.
Во однос на професорите мојата функција се состои од посета на часовите, следење на нивната работа. Педагогот во нашето училиште е и секретар на Државната матура, администратор на база на податоци за електронскиот дневник, координатор на двогодишниот проект за превенција од злоупотреба на дроги во училиштето, координатор на еко-училиште, администратор за условен паричен надоместок на социјално загрозени ученици и член на Здружение на педагози на Македонија.

Каква помош бараат учениците и професорите од Вас? Кои нивни проблеми најчесто посакуваат да ги решите?
В.В. Секогаш на почетокот на прва година ги повикувам претседателите на состанок за да ги запознаам со помошта која можам да им ја дадам. Кај учениците од прва година правам анкети со цел да ја стекнам сликата која ја имат за педагогот. Резултатите кажуваат дека учениците од основното доаѓаат со мислење дека педагозите се овде само да ги смират немирните ученици или да решат некој проблем. Со тек на време се прилагодуваат и доаѓаат да бараат помош околу учењето или за нивни лични проблеми. Засега имаме добра комуникација од причина што сфатија дека се што зборуваме во мојата канцеларија останува затворено во овие ѕидови! Мојот резултат допрва ќе се рефлектира. Најдобар доказ за моето влијание врз учениците беше случајот кога еден ученик ме застана на улица за да ми каже дека со помош на моите совети сега е успешен студент. Имам контакти и со нивните родители. Секако, овде се и професорите кои што бараат помош доколку некој ученик е хиперактивен и не можат да се справат со неговиот темперамент.

Бидејќи го следите четиригодишниот период на развој на учениците од еден поинаков аспект како би го опишале нивното созревање од прва па до четврта година?
В.В. Забележливи се промени кај секој ученик. Како што тврдат психолозите, факт е дека момците во периодот на средното образование се однесуваат понеодговорно кон наставниот процес и созреваат подоцна. Така постигнуваат одлични резултати во високото образование, иако кај нас биле просечни ученици.

Во текот на нашиот разговор рековте дека имате искуство како координатор на многу проекти. Што би можеле да очекуваме во иднина? 
В.В. Некаде во април/мај оваа година ќе се реализира мошне интересен проект на ниво на општина Струмица. Трите средни училишта подготвуваат сценарио за свој видео-спот во кој ќе ги претстават своите квалитети и активностите кои ги извршуваат во училиштето. Проектот е организација на СВР при МВР и Младински совет – Струмица. За стручен помошник за снимање го имаме режисерот Горан Тренчовски. Како координатор ќе кажам дека особено ме радува ваквиот проект кој го работиме со уште други единаесет професори. Во план е да се вклучат околу 200 ученици кои ќе се појават како глумци во овој видео-материјал. Песната која ќе биде во позадина е Оптими-ска од Суперхикс.

  • ПРОФЕСОРКАТА НАДВОР ОД УЧИЛИШТЕТО

1. Не можам без… добро друштво, позитивни луѓе и добра музика.
2. Во слободното време… секогаш сум расположена за добар филм и добра книга по препорака.
3. Во денешното општество би променила… човечката завист, љубомората и мешањето во туѓи животи!
4. Ме инспирира… насмевката на луѓето.
5. Луѓе на кои се восхитувам… дефинитивно Тоше Проески.
6. Како мала… бев претерано темпераментна и постојано вклучена во машки игри.
7. Слабост… кондури и гардероба, воопшто.
8. ТВ или компјутер? Ги користам подеднакво и не би се откажала од нив. На телевизија гледам документарци, а компјутерот го служам како извор на информации.
9. Никогаш не сакам да… предизвикам болка некому.
10. Чија музика слушате најчесто? Брајан Адамс (Bryan Adams), Адел (Adele), Ријана (Rihanna), Дајр Стрејтс (Dire Straits), Би Џис (The Bee Gees), Пол Јанг (Pol Young), Род Стјуард (Rod Stewart) и секако хорот при СОУ „Јане Сандански“.
11. Најчесто ги користам изразите… чек сега; дали ме разбираш?
12. Омилен роденденски подарок… грамофон од родителите бидејќи имав огромна колекција на плочи.

520 Вкупно 1 Денес