Гласот на Методи Манев

Текст на Методи Манев – ученик во четврта година
                                                                         Пекол или рај? Едноставно живот!


Научив дека Пеколот на Данте се состои од девет круга, девет нивоа на измачување. Овој нашиов се состои од четири од кои секој трае по една година, но се далеку „потешки“ од оние на писателот. Во „пеколот“ од четири нивоа не влегуваме по наша волја, ама што се мора – се мора! Во првото не пречекуваат „демоните“, оние надмоќни и авторитетни личности кои ни го поматуваат умот секој ден. Од нив спас нема до самиот крај! А каде е крајот? За игнорирање или непочитување на нивните „заповеди“ ни следи „огромна“ казна која тешко ја поднесуваме. Во вториот круг од нашиот „пекол“ како за инает – истите „демони“, без разлика млади или стари – никој не ни чини. Уште една година со истите маки. Се доближуваме до третото ниво каде што пред нас се поставени повеќе казани насловени „казани на животот“ од кои ние мора да одбереме еден во кој ќе се готвиме. Најважното е што мора да се бориме да не бидеме само обичен зачин, ами главна состојка. Веќе во четвртиот круг сме го запознале тој „пекол“ толку добро што мислиме дека нашето тригодишно искуство е доволно за да владееме над „демоните“. Едвај чекаме да дојде балот по кој следи напуштање на пеколната зграда.

И како што пишува Данте, следно е чистилиштето… но, некако збунети, повторно се наоѓаме во некој лош замок и тоа уште помрачен од претходниот. Уште четири-пет години? Зарем тоа не е премногу? Малку ли беше борбата да испливаме на површината од тој „казан на животот“ каде што водата е матна и има толку лути и збунувачки состојки во него.

Како што минуваат годините и колку повеќе пливаме по матната вода таа се повеќе и повеќе се избиструва. Испливувајќи на површината, погледнувајќи го зракот светлина кој ни го осветлува патот ќе сфатиме дека всушност не постои земен пекол, ниту земен рај. Сето тоа е дело на животот! Одејќи по тој пат ќе се сетиме на деновите поминати во таканаречениот „пекол“ и ќе заклучиме дека всушност таму сме ги проживеале најубавите денови од нашиот живот. Со полна пареа ќе чекориме по патеката наречена судбина и ќе се соочиме со сите препреки поставени пред нас. Сеќавајќи се на прекрасните спомени врежани во нашите глави, среќни за она што поминало, храбри пред тоа што следи ќе сфатиме дека:
Не постои пекол, не постои ниту рај. Сето ова се нарекува ЖИВОТ!