Од идеја до рекордна посетеност – мјузикл за Тоше!


Учениците се подготвуваа три месеци, а публиката го награди нивниот труд со рекордна посетеност. Прочитајте ги деталите и позадината на овој концерт. Хорот и оркестарот од нашето училиште во соработка со Младинскиот совет од Струмица веќе одржаа два хуманитарни празнични концерти. Третиот требаше да се случи годинава. Се случи долгонајавуваниот концерт, но и негово двојно прикажување, патем за прв пат!

„Идејата се роди во полниот автобус кој патуваше од Скопје кон Струмица. Беше 10-ти октомври и по завршувањето на настапот на Виноскоп ги кроевме идните планови. Едногласно беше одлучено дека ќе правиме концерт со песни од Тоше“, вели Станковска, диригент на хорот. „Веднаш се редеа желбите за песни, за сценографија, за ротација на сцената… хористите и бендот знаеја дека ги очекува многу работа“, додава професорката.

„Минатиот божиќен концерт го слушав со подотворена уста. Половина од концертот го поминав во неверување дека тоа се гласови на средношколци“, вели Ристе Ристов, редовен гостин на концертите на гимназијалците.

Досегашните патронати и настапи на нашите непрофесионални музичари беа класични концерти, каде што до израз доаѓаа вокалните способности на солистите. Иако аматери, нивните настапи го привлекуваа вниманието на публиката.

„Беше време да се качиме чекор погоре и од концертот да направиме приказна, со побогата содржина и порака. Често им зборував на учениците дека сакам мјузикл, а сега беше вистинскиот момент“, вели Станковска.

Мјузиклот со себе носи и многу повеќе работа. Сценариото беше првиот чекор кон новата приказна. Над 50 текстови на песни од Тоше беа распоредени на масите во кабинетот по музика. Се кроеше приказната! Од мечтаење, халуцинации и тагување по љубената во сонот, до будење и директен судар со неа. Сценариото беше замислено преку две драмски сцени или два чина.

Во просториите на кабинетот по музика, а воопшто и низ училиштето брзо завладеа духот на Тоше. Никој не можеше да остане имун на долгите подготовки, а особено на секојдневните декемвриски проби кога денот за големиот концерт полека наближуваше. Околу 70 ученици беа вклучени во овој голем мјузикл. Професорките Станковска и Милушева во ноември одржаа неколку аудиции за глумци кои имаа голем одѕив. Секогаш се бараа најдобрите и најсоодветни ученици за секоја улога.

„Воопшто не беше лесно да се одлучи кои би биле најдобрите глумци. Желбата што ја пројавија учениците на аудицијата ме изненади. Од сите нив моравме да одбереме само двајца“, вели професорката Милушева, ментор по глума.

Сите вежбаа одделно, оркестарот ги подготвуваше аранжманите, секое грло од хорот се обидуваше да музицира како посебен инструмент, балетските дуети се обидуваа да ја раскажат приказната со говорот на телото, а глумците со љубов се трудеа да го оживеат Тоше и неговата Љубена.

Најтешкиот чекор беше целосната симбиоза на овие четири сегменти. Паралелно со исцрпувачките четиричасовни проби течеше и медиумската промоција. Радио и ТВ гостувања, изјави, снимки, текстови за љубопитните медиуми… Клучот беше во позитивниот дух и одличната соработка помеѓу учениците и професорите.

„Сите помагаме со свои идеи кои најпрво детално се разгледуваат, а потоа се применуваат“, вели Ана Дрвошанова, член на хорот.

Последната недела од декември интензитетот на пробите растеше, професорите се лутеа бидејќи учениците ги напуштаа нивните часови, но сите потајно знаеја дека пробите не се залудни! За поздрав е тоа што учениците одработија и шест саботи!

Откако сите ја прославивме новогодишната ноќ училиштето ги отвори своите врати само за музичарите. Празните ходници беа исполнети со магијата на веќе подготвените звуци на хитовите од Тоше.

Голема поддршка пристигна и од некои професори кои љубопитно присуствуваа на пробите, а хорот, освен пеење, ништо друго не откриваше! Дури и директорката ја напушти својата канцеларија за да чуе нешто ексклузивно.

„Не се сомневам во вашиот концепт, но сакам да знам што не очекува во салата“, рече таа.

Петокот беше напорен ден. Никој не знаеше дека концертот ќе треба да се изведува дури ТРИ пати. Генералната проба се одржа во 12 часот. По завршувањето, учесниците се упатија кон дома за да одморат пред главниот настап. Почетокот на концертот беше најавен за во 18:30. Просторитее на НУЦК „Антон Панов“ беа полни 45 минути порано. Целата организација не беше подготвена за ваков огромен одѕив.

Бројката од над 1000 присутни беше импресивна за нашите ученици, а тремата се повеќе растеше. Со брза одлука беше решено дека ќе се одржи втор концерт, со цел секој да ужива во подготвениот мјузикл.

„Почитувана публико, се извинуваме што чекате. Само за вас ќе се одржи втор концерт, а ветуваме дека ќе биде и подобар! Оние кои немаат добра позиција овде, а имаат слободно време во 20 часот, нека дојдат на втората изведба“, рече Гонце Ѓоргиева.

Но никој не се ни помрдна! Се одржа и вториот концерт кој повторно имаше посетеност. Иако публиката беше скратена од светлосните ефекти и мал дел од репертоарот, сепак учениците со задоволство го одиграа својот мјузикл, а присутните ги наградија со громогласни аплаузи.

Во историјата на хорот и оркестарот никогаш не се случило двојно одржување на еден ист концерт. Затоа, овој мјузикл „Музика и хуманост без граници“ долго ќе се памети!

„Вонсериска генерација на гимназијата. Сега и дали некогаш пак?“, рече еден од присутните. Уште многу позитивни коментари се редеа.

Откако македонската јавност ги слушна инсертите од концертот изразува желба за гостување на мјузиклот и во други градови од државата.

Многу докази велат дека учениците и нивните ментори направија голем концерт! Кој ќе биде следниот успех на нашето училиште?

791 Вкупно 2 Денес

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *