Оние што оставија белег: Билјана Витанова

Кога со вашата долгогодишна работа сте дел од созревањето и оформувањето на иднината на многу сегашни доктори, инженери, математичари, високи функционери, декани, професори, асистенти… тогаш не само што е оставен белег на историјата на училиштето туку и во професионалниот живот на некогашните средношколци.  Овој пат нашето внимание го свртуваме кон професорката Билјана Витанова за која бројките, знаците, функциите и сите математички тајни се вечна љубов.
Доказ дека љубовта и неуморната посветеност кон математиката може континуирано да го дава најголемото уживање и за време на пензионерските денови е токму оваа професорка. Во моменти кога желбата за решавање математички проблеми и жарот во работата недостига меѓу помладите генерации сакаме да се потсетиме на личности кои се бореа против тоа.

Таа се вработила како професор по математика во нашето училиште веднаш по дипломирањето, во 1968 како дефицитарен кадар. За време на студирањето на ПМФ – Скопје сите четири години земала стипендија и го завршила факултетот за рекордно време што тогаш било вистинска реткост.

„Секогаш успеваше часовите да и поминат во пријатна атмосфера без да имаме страв кон нејзе туку со почит и разбирање да го проследиме материјалот и притоа поголемиот дел од наставна содржина да ја научиме за време на часот. Никогаш не ја бараше таа таканаречена „железна“ дисциплина која во мое време беше доста застапена. Во ретките случаи кога го повишуваше тонот набрзо бараше извинување за никој да не биде повреден и успеваше повторно да го расположи „караниот“, вели д-р Викторија Јовановска која продолжила во светот на природните науки веќе знаејќи дека тоа е нешто лесно прифатливо, едноставно и интересно.

ZAEV-SO-KLASNATA-RAKOVODITELKA-5Својата приказна исполнета со над 10 генерации како класен раководител ја завршува во септември 2006 година. Минатата година ја прослави 20-годишнината со една од своите генерации ученици во која меѓу останатите учела нејзината колешка Гонце Ивановска, но и градоначалникот на општина Струмица – Зоран Заев.

Како негов четиригодишен класен раководител го активирала во областа на природните науки и го носела на натпревари по математика, а како завршен испит за матура Заев го одбрал токму нејзиниот предмет.

Јулиа Сапунџиева е уште еден ученик од тој клас и со задоволство сподели со нас дел од сеќавањата како и впечатоците од матурската прослава:
„Четирите години кои ги поминавме со неа не забележавме нерасположеност иако можеби во тоа време животот не ја штедеше. На прославата 20 години од матура таа беше цел ден и цела вечер со нас со истата ведрина на нејзиното лице, истите пријателски совети. Заклучокот кај сите ученици беше ист: времето застанало за неа, како да не поминале толку години“.

Автор и рецезент е на повеќе книги и збирки, а многу години била член на државно собрание за образование поради што еднаш неделно одела во Скопје на состаноци. Ја паметат сите како голем оптимист и ентузијаст. Карактеристично е што писмените ги враќала прегледани наредниот час. Уште истиот ден ги прегледувала со многу упорност и внимание, од првата до последна.

Но дали може да замислите колкава е привилегијата да растеш со твојата баба – математичарка која постојано сака нејзините внуци да собираат знаења од таа област? Кога секое гости се претворува во нови часови за решавање, тогаш се градат нови успешни математичари. А на желбите и помошта од баба не смеете да им се спротивставувате.site

„Баба ми е мојата гордост и инспирација. Сè што знам за математиката и животот научив од неа. Нејзината неуморност, упорност и експресност се пример за мене и целото семејство. За мене е постојан и непресушен извор на изучување на математиката. Во секој момент е подготвена да го даде целото свое знаење. Решаваме задачи уште од мали, но и денес на факултет сè уште ми помага. За мојата баба неприфатливо е да не се сака математиката, ниту да се одбие решавање. Ја всади љубовта кон предметот кај сите нејзини внуци“, раскажува Мирјана Тошева која е нејзина прва внука.

Освен стекнатата титула „Истакнат педагошки работник“ има многу награди и признанија на натпреварите. Во 2002 има добиено годишна награда за посебни резултати постигнати на полето на воспитно-образовен процес, а особено за популаризација на математиката. Од Сојузот на просветни работници на Р. Македонија прогласена е за просветен работник на годината за средно образование истата 2002 година. Под нејзино менторство ученикот Кире Триводалиев освоил второ место на Светска Олимпијада во Вашингтон кое е впрочем едно од најголемите достигнувања во нашето училиште воопшто. Особено интересно е што Божана Лазарова и Маријана Христова биле нејзини ученички, а во моментот работат како професори по математика во училиштето.

Од учењето цели четири години ја паметам како квалитетен и вреден професор, кој се трудеше целото свое знаење да го пренесе на своите ученици. Освен редовната настава активно беше ангажирана и работеше со талентираните ученици, ги поддржуваше нашите учества на натпреварите и максимално вложуваше труд. Сигурно нејзиниот пример имаше влијание на изборот на мојата идна професија, такашто после неколку години станавме  колешки“, споделува професорката Божана Лазарова.

Кон сеќавањата се надоврзува и Маријана Христова истакнувајќи дека методот на демонстрација или покажување и индивидуалната наставна форма, кои ги применувала професорката Билјана ги користи денес во наставата.
„Мојата драга професорка ја паметам по нејзината посветеност на професорската работа, по позитивната енергија која зрачеше од неа, нејзиниот ведар дух, енергичноста, педагошкиот пристап кон нас учениците. Таа успешно ме водеше низ лавиринтите на математиката со што придонесе да се продлабочи мојата желба за оваа професија. Двете децении кои ме делат од мојот средношколски живот се доволен период за низата промени во образованието. Но според нејзиниот пример се трудам на часовите да воспоставам релација со учениците која ќе се темели на заемно почитување и доверба и да создадам позитивна атмосфера за работа за да ги постигнам поставените цели на часот“, раскажува професорката Христова без да ги штеди пофалните зборови.

Од нејзините ученици активни во високото образование вреди да се спомнат Христина Спасевска која е декан за настава на ФЕИТ при Универзитетот Кирил и Методиј и претседател на Народна техника, Атанас Илиев – редовен професор на ФЕИТ, Кире Триводалиев – асистент на ФИНКИ.„Иако не ми предаваше имавме добра соработка за време на општинските натпревари по математика, каде јас уште како средношколец, како еден од најдобрите математичари бев во комисија. Многу се почитуваме, а во нејзино и мое време, некаде во далечната 1981 прв пат нашата екипа на гимназијата „Јане Сандански“ беше најдобра во Македонија пред дотогаш најдобрата математичка гимназија „Георги Димитров“ од Скопје“, споделува професорот Атанас Илиев.
biljana vitaova
За подготовката на овој текст контактиравме и една нејзина ученичка од генерацијата 1981-1985 која моментално живее и работи во Белград.
„Ако можам за некого да зборувам тогаш тоа е дефинитивно за професорката Билјана. За мене беше и втора мајка, жена која знае да влезе под кожа и да ги разбере сите проблеми во нашите „луди“ години. Нејзиниот однос беше еднаков кон сите, без разлика колку биле лоши или добри таа им делеше искрени и добронамерни совети. Како класна и професор беше секогаш внимателна, сталожена и насмеана“, вели Тања Златкова – Исаиловиќ.За крај, за голема пофалба е фактот дека, иако се ближи кон своите 70-ти години, постојано ги следи нашите активности преку веб и фејсбук страницата и отворено-онлајн ја дава поддршката за успесите и достигнувањата на училиштето.