Проектот Задар – повеќечасовно патување за вечни спомени

Групните патувања се огромно искуство, шанса за многу нови пријателства, откривање нови таленти, но и нови простори, убавини и гледишта.o21Импресиите на учениците не стивнуваат ниту по една недела од престојот во Задар организиран како повратен дел од соработката со училиштето Обровац близу Задар – Хрватска.Наши претставници беа дел од еколошки викенд кој вклучуваше три активности: рафтинг, алпинизам и нуркање. Нашите претставници имаа можност да изберат во која активност ќе се вклучат, поделени во групи.„Имаше многу интерес за нуркање па затоа во автобусот си направивме аудиција и оние кои влегоа во финале ја имаа шансата да бидат дел“, раскажува наставниот кадар кој беше вклучен во овој проект за размена.

Нуркањето се одвиваше со професионален инструктор и специјализирана опрема што дава уште поуникатно чувство за оние кои биле дел од оваа активност.

„Бев дел од алпинизам и прв пат доживеав голем адреналин при спуштањето по големите карпи прицврстени со јаже за дрво на одредена висина“, споделува Христијан Атанасовски.

Дека домаќините приредиле незаборавно искуство и богата агенда за нашата екипа зборуваат и фотографиите, но и нивното воодушевување.

Кристина Попова која била дел од рафтингот низ Зрмање вели дека нејзе најголем впечаток и оставила црквата Св. Доната која е реткост во светот. Рафтинг е всушност возбудлива и рекреативна активност која вклучува спуштање по стрмни водопади повисоки и од 5 метри.

Според нивните впечатоци Задар е преубав град со ретка убавина која не се доживува толку често, но и со добар ноќен живот. Сите ученици ги истакнуваат атракцијата „Поздрав Сунца“ како и невообичаените мелодии на оргулите во Задар како најинтересно и највозбудливо доживување.

„Од патувањето научив дека другарствата со личности од други земји се уште поголемо искуство и богатство и дека ваква шанса никој не смее да пропушти. Сакам повторно да ги угостиме во Македонија, на наш терен да им вратиме во поголема мера за убаво поминатите мигови“, заклучува Никола Гоцевски.

Иако македонските гости ноќеваа само две вечери, учениците од хрватското училиште постојано молеле да го продолжат престојот барем уште една вечер. Но сите во Струмица ги очекуваше екстерното тестирање кое и го ограничи траењето на посетата.

„Контактите со нашите нови пријателчиња ги одржуваме преку социјалните мрежи и сите нетрпеливо очекуваме да се повтори средбата“, искрено споделува Сара Алаѓозовска.

Целиот тим се заблагодарува на гостопримство на пријателите од Обровац и вратите за нив постојано ќе бидат отворени во нашиот град.