РЕКОА ЗА проектот креативни матуранти

kreativniОваа генерација се истакнува со посебно креативни идеи, кои за среќа, успеа да ги реализира со многу посветеност и труд. Како идеја овој проект е одличен, може да ги видиме учениците во едно поинакво светло, а таа своја креативност не е лошо да ја користат повеќе и за училишните обврски… На класичното табло се гледа едноличност, што сигурно не важи за оваа генерација!
– Софија Тошева, професор по информатика, програмски јазик и класен раководител на  IV-3


Дефинитивно овoj проект ја карактеризира генерацијата 2009/2013 и докажува дека не е успешна само во полето на музиката, математиката, спортот… туку и во нивниот симпатичен и креативен начин на искажување на оригиналноста преку фотографија. Голема благодарност до фотографите кои со големо трпение ја завршија оваа работа, иако се соочија со големи каприци како од учениците така и од нас професорите. Освен тоа, во текот на целата година со своите фотоапарати ги ловеа сите важни случувања.
За крај, не смееме да го заборавиме иницијаторот на овој проект кој беше секогаш во чекор до фотографите, ги организираше и усмеруваше учениците и професорите кон реализацијата – Гонце Ѓоргиева.
– Анита Станковска, професор по музика и класен раководител на IV-7


Како да не ми беше доволно што токму последната година не ја поминав заедно со сите вас, па моравте ли и со вакви иновативни и креативни идеи да ме терате да посакам барем уште еднаш да бидам дел од неверојатно позитивната атмосфера уште позната и како Јане Сандански. Ова само ми потврдува дека не постои лимит во вашите младешки глави и сум горда што бев дел од оваа оригинална генерација.
– Марија Чакалова, поранешен наш ученик којшто годинава матурираше во Канада


Кога пред 2 години прочитав статија за руски матуранти кои направиле поинакво табло, си реков: „Ова во Македонија не бидува!“
И еве сега сум сведок на една генерација која не само што е креативна и полна со идеи туку и умешна во реализацијата на замисленото.

Огромни честитки до сите кои учествуваат во овој проект. Гордост е да кажам дека со овие млади умови ги делев школските клупи.
– Весна Бачева, ученик на генерација 2008/2012


Во едно хипер-динамично време кога се чини дека креативноста се гуши во океанот од глупости, невкус и кич, со една неповторлива идеја, нè изненадија и израдуваа матурантите од струмичката гимназија. Следејќи ја работата на оваа гимназија ја чувствувам сета среќа и хармонија која таму постои и љубовта што безусловно ја даваат и примаат и учениците и професорите. Последниов проект КРЕАТИВНИ МАТУРАНТИ е плод на нивната посветеност, работа и соработка. Мислам дека преку нивните реализирани идеи ќе ја разбудат дел од заспаната македонска младина, за да твори, креира, работи и создава со љубов како што тоа го прават тие-учениците од СОУ „Јане Сандански“ од Струмица. Со восхит Ви упатувам едно големо БРАВО!
– Филип Димковски, ученик во трета година во гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп, поет и новинар


Kaко поранешен ученик во ова училиште морам да речам дека соработував со одлични професори и бев дел од прекрасна генерација.
Денес кога ќе ги погледам сите креативни слики и проекти кои се дело на меѓусебна соработка меѓу една талентирана генерација и истите професори, чувствувам голема носталгија, но и уште поголема гордост. Она што успеав да го споделам со матурантите се моите зборови дека се една генерација која нема да се повтори уште 100 години и дека како такви неизмерно ќе недостигаат.
Од мене едно големо БРАВО за сите одржани хуманитарни концерти, за ентузијастичките акции, пораки и пред сè за сите креативни и неповторливи идеи!
– Марија Петрова, поранешен ученик, сегашен студент на ФОН


Многу сум задоволен и горд за успешно реализираниот проект. Единствена напорна работа беше да се организираат поголем дел од учениците од мојот клас да се фотографираат. Спротивно од тоа, најсладок дел од работата беше фотографирањето и соработката со моите најдраги професори.
– Кире Иванов, фотограф и ученик во IV-7 клас


Бројните натписи на медиумите, над 10.000 прегледи на секој фото-албум поединечно и привлеченото внимание на струмичката јавност кажуваат сè. Од моја гледна страна проектот беше едно долго и незаборавно дружење со сите ученици од мојата генерација. Без комплетната поддршка од нашата директорка овој проект ќе беше обична фантазија!
– Олег Бојаџиев, фотограф и ученик во IV-11 клас


Учениците од струмичката гимназија „Јане Сандански“, кои јавноста ги запозна по одличните резултати, но и по успесите на училишниот хор, повторно привлекуваат внимание. Овој пат, нивната креативност доаѓа до израз во несекојдневните фотографии за матурскиот алманах и табло.
– Радио МОФ, проект на Младински образовен форум


Алал да ви е. Значи алал да ви е. По децении „отров“ фотографии за матура кои години подоцна изгледаат како матурантите од тоа време да се симнале од друга планета, еве еден серијал матурски слики кои се за почит и поздрав.

Без кофа фотошоп како што последниве години се прави, без извештачени ликови и таблоа каде не може ни родена мајка да те најде, а камо ли другарчињата. Секоја чест на учениците за креативноста, но пред сè веројатно треба да кажеме секоја чест на директорката Вања Велева која, колку ние можевме да забележиме одлично го води училиштето, веб сајтот изгледа супер, а и Фејсбук страницата е преполна со слики од активности. Еве пример за сите училишта од земјата, да се тргнат од стариот „екс-ју“ систем каде училиштата и професорите беа поистоветувани со Баба Рога. Браво друштво!
– Виктор Николовски, уредник и новинар на порталот Сарма.мк