Текст на Гордана Донева – професор по македонски јазик и литература
Стагнација во образовниот систем – напредок во образовните мерки
„Образованието е најважната алка во едно општество“ – е реченицата која честопати сум ја слушала и која ја тврделе многумина теоретичари и практикувачи на образовниот процес. Токму таа реченица,заедно со моите: учителка, наставници и професори кои учествува во градењето на мојата личност, воспитување и образование, беа одлучувачки во изборот на мојата сегашна професија – наставник. Сакав да бидам како нив, сонував со отворени очи и трудољубивоучев за да бидам учителка и еден ден да застанам пред моите ученици и со радост и голема одговорност им го пренесам моето знаење и животно искуство. Мојот сон стана реалност. Денеска со гордост ја носам и доживувам мојата професија и им го пренесувам моето знаење на моите ученици.
Повод за ова мое пишување и јавно изразување на сопствениот став и мислење е електронското екстерното тестирање кое ќе се спроведе во сите основни и средни училишта во државата во периодот од 27.05.2013г. до 10.06.2013г. вклучувајќи ги и саботите (освен 08.06.2013г. поради одржување на државна матура). Во периодот кога се планира тестирањето, наставниот материјал од годишните планови се уште ќе се предава и не ми е јасно како учениците ќе одговорат на прашања за кои се уште не стекнале знаење бидејќи не им е предаван наставниот материјал? Да бидам сосема јасна, јас не сум против електронското екстерно тестирање но сметам дека за негово доследно применување и добивање на реални резултати потребни се извесни дополнувања и претходни подготовки со кои подеднакво ќе бидат реално проверени и учениците и наставниците. Секому е сосема јасно дека БРО и МОН бараат начин за проверка на стекнатите знаења на учениците и проверка на реалното оценување научениците од страна на наставниците, меѓутоа мислам дека не се земаат во предвид некои основни и реални факти и неисполнети подготовки кои се од особена важност ова екстерно тестирање да биде навистина реално и одржливо. Не ми е јасно зошто да се проверуваат знаењата на учениците и реалноста во оценувањето кога сите кои сакаат се запишуваат на факултет па дури и оние кои го имаат завршено средното образование со доволен или добар успех. И веднаш ми се наметнува размислувањето исполнето со низа прашања и одговори. Дали е можно со едно тестирање да се измери знаењето на учениците или залагањето и преданоста на својата професија на еден наставник кога ние учениците ги следиме низ цела учебна година преку проверки на знаења, тестови, наставни ливчиња, писмени работи, истражувања, проекти …!?
Зошто ние кога копираме работи од западните „напредни“ држави не копираме целосно онака како што е кај нив туку само делови кои во дадениот момент ни одговарат и не се целосни? Сметам дека ако копираме некој образовен систем од друга држава, треба да го прилагодиме кон реалните услови за настава и практична примена кои ги имаме во нашите, македонски училишта. А како функционира образовниот процес во западните демократски држави, а како кај нас?
Образованието во западните општества: современи училишта со одлични услови за работа, еден наставник предава во една или две паралелки од по 15 – 24 ученика и има една наставна програма за која има комплетна подготовка за реализација на секој час, готови годишни наставни планови, учебник за наставникот со дневни подготовки, тестови и вежби, нагледни средства, литература, прирачници, услови за практична примена на теоријата итн. И кај нив се применуваат екстерни тестирања но само за да се провери дали учебниците се сообразени со возраста и претходните знаења на учениците или треба некои содржини од истите да биде префрлени во повисоките класови, а не за оценување и вреднување на учениците и наставниците.
А што имаме ние: стари училишта без или со оскудно опремени кабинети и со основни или минимални услови за работа, годишен наставен план, тематски, дневни подготовки, тестови и вежби кои наставниците сами ги осмислуваат и создаваат, еден наставник предава во пет – шест паралелки од по 34 ученика и реализира од две до пет наставни годишни планови, електронски дневници и компјутер за секое дете. Наставниците се приморани да ја упростуваат сложената, обемна и на научен стил напишана наставна содржина од учебниците бидејќи учениците се жалат дека не ја разбираат содржината во истите. И кај нас се применуваат екстерни тестирања но за да се провери дали учебниците се сообразени со возраста и претходните знаења на учениците и дали треба некои содржини од истите да биде префрлени во повисоките класови туку за да се оценат стекнатите знаења на учениците и да се провери реалноста во оценувањето на наставниците.
Се на сè кај нас од еден наставник се бара да биде наставник, креативец, иноватор и администратор, а да не заборавам, секој наставник има за оценување од 200 до 210 ученика. Треба да бидеме реални, дајте прво да создадеме конкретни услови па потоа да спроведуваме реални и одржливи тестирања. Не ми е јасно како замислувате секој наставник да ги чува тестовите, писмените работи и проектите на 200 ученици во едно шкафче 40 x 50кога се изработуваат по најмалку 4теста, 4 писмени работи, плус проекти?! Се уште се прашувам врз кои критериуми инспекторите спроведоа евалвација во училиштата и ги оценија наставниците со оценки? Кои услови, правила, критериуми и задачи претходно им беа зададени на училиштата и наставниците од страна на БРО па тие требаше а не ги исполнија ?! Кога пред тоа дојдоа испекторите и им укажаа на пропустите на наставниците во образовниот процес ? Каде е мислењето на базата ( училиштата ) за планираните новини во образованието? Каде е периодот на адаптација и постепено внесување на промените кои ќе го унапредат образовниот процес?
Ова се моите размислувања за тоа што треба да се направи однапред за да биде се како што треба :
1. Да се прилагоди соржината на учебниците со претходните знаења на учениците;
2. Да се намали обемот на наставната содржина во учебниците, учебниците да бидат напишани на научно – учебнички стил и да има повеќе часови за утврдување и проверка на стекнатите знаења ;
3. По секој наставен предмет да се изготви учебник за наставникот со подготовки за секоја наставна единица, со готови вежби, писмени работи, тестови, проекти и применана ИКТ во наставата (како што е учебникот за наставник по англиски јазик);
4. Секој наставник да предава по најмногу 2 наставни предмета во најмногу четири паралелки;
5. Паралелките да бројат најмногу 24 ученика;
6. На ниво на целата држава, во сите училишта, да се учи од исти учебници, а не како сега по избор на наставниците и училиштата.
7. Откако ќе се применат содржините од точките 1, 2, 3, 4, 5 и 6, инспекторите од БРО и МОН задолжително да ги посетат наставниците и доколку забележат пропусти во примената на истите да им се укаже и да им се нареди на наставниците истите да бидат санирани до следната нивна посета ;
8. Тестовите за екстерно тестирање да бидат изработени од тестовите кои учениците ги решавале во текот на учебната година или да бидат изготвени посебни можни прашања од сите теми во наставните содржини на секој предмет а кој учениците ќе ги имаат на увид ( исто како што беше за приемните испити во едно минато време);
9. Пред да се спроведе тестирањето, учениците да бидат ослободени од настава една до две недели за да се подготват за тестирање;
Кога сето ова ќе се реализира и направи онака како што треба, тогаш секој може да биде проверен, критикуван и отстранет од работното место ако совесно, навремено и правилно не ги исполнува своите работни обврски.
Да, јас сум за промени во образованието, но нека не се брза со примената, нека се оди етапно и ако нешто не ги дава очекуваните резултати не е грев да се стопира ( потсетување: насоченото образование беше стопирано по само две години примена) поголем грев е да „ осакатиме ’’ со „ знаење “ цели генерации ученици.
Јас на факултет стекнав знаења кои секојдневно ги проширувам и им ги пренесувам на моите ученици. На факултетот немавме предмет креативност во наставата ниту пак техники и модули на настава. А да, заборавив, денес имаме семинари на кои за два дена треба да станеме експерти !? Рака на срце, на тие семинари повеќе ние сме активни и од нас се купува „памет’’ отколку да научиме нешто ново, единствено повторуваме нешто што веќе го знаеме ама сега истото има посовремена терминологија – ново име.
И би сакала никој, ама никој во нашава држава, да не плука по учителот зашто сите ние сме онаму каде што сме со помош и бескрајно залагање на нашите учители.