Струмичката гимназија во духот на карневалот

Од пагански карневал прерасна во современ во кој се испреплетени елементи на минатото и сегашноста и се презентираат теми од историски, политички, современи, традиционални, секојдневни моменти, музика, познати ликови од цртаните филмови… сплет на сè и сешто!karneval1Кај нас во Струмица важи: каде и да си – дома за карневалот мора да си! А и не само дома, туку или директно во карневалската поворка или маскиран во духот на традицијата. Несомнено тоа е посебен настан кој со текот на годините добива сè поголема популарност која високо котира на балканските и европските простори.

Деновиве во тек се карневалските подготовки во училиштето, а ние се обидовме да „украдеме“ дел од времето на тимот професори кои неуморно и со огромна љубов работат на карневалската маска „Бои на среќата“.

Карневалскиот тим е составен од 20-тина професори кои едноставно го сакаат ритамот на карневалот, а нивниот состав секоја година се менува. Организацијата, менаџирањето и посветеноста во работата се клучните елементи поради кои функционира карневалскиот тим. Впрочем тимската работа е најважен елемент за успех во сите активности.

„Како главен координатор на нашиот тим е професор Зуле Цонева. Таа е задолжена околу организацијата на состаноците и работните активности, состаноци со карневалскиот одбор на Струмица, финансии и сл. Но и во таа работа секогаш си помагаме“, објаснува професор Полина Ашикова.
karneval2Иако најголем дел од работата одзема истражувањето за маската, активностите постојано мора да бидат одлично распределени за поголем ефект на работата.

„Најпрво, некаде во ноември/декември секој презентира своја идеја за изводлива маска, а потоа заеднички гласаме и започнува главната работа. Секој се препознава во одреден дел од подготовките. Оригиналната идеја од првиот состанок никогаш не била презентирана како таква на сцената на самиот карневал. Да бидеш дел од тој тим значи да бидеш креативен, но и подготвен да се справиш со критики – другото е забава и часови поминати во пријатно друштво“, велат професорите.

karneval3Мал тим професори имаат задача да ги цртат костимите и овде сите учествуваат и често се менуваат во работата, за на крај да се избере најдобриот предлог. Во таа задача учествувале и се менувале повеќе професори: Софија Тошева, Жаклина Џорлева, Стаменка Џорлева, Катерина Калева. Неизоставен е и процесот на набавка на материјали. Едни одат по магацини за материјали, други за капи, перја, чевли, траки, сунгери… На тоа поле активни се (или биле) Полина Ашикова, Гордана Василева, Маријана Христова, Зуле Цонева, Соња Фиданова, а во последно време голема е помошта и од сопрузите на одредени професорки.

„Првата маска со која нашето училиште се претставило е маската Ѓурѓовден од 2001 година и оттогаш важиме за училиште кое дава огромен допринос во збогатувањето на карневалската поворка и речиси никогаш не сме завршиле без награда“, вели професорката Зорица Витанова – дел од карневалскиот тим.

karneval4 Кога ги запрашавме за музиката и кореографијата ни одговорија дека нашето училиште е прво кое настојуваше да внесе професионалност во настапот која ќе нè доближи до големите карневали. Последните години најголемиот товар за таа обврска ја презема професорката Полина Ашикова која ни раскажа дека пред две години, кога ја подготвувала кореографијата, се шинала при самото играње, броење чекори и правење акробации, но со насмевка на лицето рече дека никогаш не треба да има застој! Тука помагаат и Катерина Калева, Зорица Витанова, Елизабета Витанова. Во последно време кореографијата ја препуштаат на младите креативци.