Викенд шема: Позади 8 Март се крие традиција или клише?

Ем викенд – ем празник на жените, мајките, девојките. За некого обичен ден – за некого традиција и уживање. Како и да е, барем кај нас и едните и другите го одбележуваат. Машките со главоболка како да го погодат подарокот, а девојките со нетрпение очекувајќи „случајни“ подароци и изненадувања. За значењето на Денот на жената позборувавме со неколку професори од понежниот пол.

JosephineLg
Оние поискусните се сведоци на промените во сфаќањата и славењето на овој ден и чувствуваат како се менуваат генерациите од година во година. Помладите пак, ги затекнуваат моменталните актуелни трендови и се носат со нив.

„За некој што живее доволно долго и во различни општествени системи, одбележувањето на осми март минува низ различни фази – начинот на кој се прославува, колку значење му се оддава и ред други работи“, вели професорката по англиски јазик Виолета Николова.

Низ времето, прв незаборавен симбол за меѓународниот ден на жената бил каранфилот и учителката. Професорката Николова се присетува на општата детска завист, кога едно момче постојано носеле најинтересни подароци, на пример плетени навлаки – ако можете да си замислете. Кога е во прашање вистинската вредност на овој празник, професорката Василка Хаџи Котарова ја кажа реалната слика.

„Меѓународниот ден на жената носи корени на протест и настанал како плод на борба за политичка, социјална и економска рамнотежа меѓу жените и мажите“, вели професорката по биологија.

Иако првите години овие права имале помала обемност, сепак колку што поминувале години и децении, толку се зголемува почитта кон жената и нејзините права и како што ќе поминуваат децении во иднина, сè повеќе ќе се ставаат во прашање правата на понежниот пол и сè повеќе ќе се зголемуваат нивните значења.
Понекогаш, жените забораваат дека не мора само да дојде осми март за да излезат со своите пријателки и да се ослободат од секојдневните активности – но професорките од нашето училиште сè уште oдделуваат време и за своите пријателки.

„Иако 8 Март е еден од поводите за дружење со пријателките, секако не единствен. И осмомартовското дружење по ништо друго не се разликува од обично кафе со блиски лица чие присуство ви ги полни батериите, а дружењето уште повеќе ви ги зацврстува нераскинливите врски со вашите пријателки“, искрено сподели професорката по информатика, Софија Тошева.

Како што рековме и на почетокот, мислењета за овој празник сè почесто се поделени затоа што целиот чин и драма прераснуваат во клише. Претставник на таквото мислење е Анита Станковска од причина што смета дека одредени личности чекаат да ја покажат својата љубов кон женскиот пол баш на овој празник.

„Лично мислам дека овој ден е најлицемерниот празник за жената. Ќе прашате зошто? Нека некој си замисли барем 24 часа без женски свет. Ќе му бидат ли убави, интересни и дали мажот ќе биде среќен ако доминира сам? Едноставно е –  жената постои за да се почитува и сака секој ден!“, децидна во својот одговор.

Ги запрашавме какви подароци најмногу ги радуваат и што е симбол за вистински подарок кој ќе покаже внимание, љубов и почит.

„Како најдраг подарок за мене претставува цвеќето. Во него се отсликува убавината на жената која го добива самото, а цвеќето е и вистински синоним на љубов. За време на овој празник на моите најблиски и најмили со топли чувства им подаруувам цвеќе“, вели професорката по биологија.

Низ изминативе години, професорката Виолета има добиено безброј подароци, и секој од нив и значи посебно многу.

„Веќе можам да пишувам романи за интересни и анегдотни моменти поврзани со многуте подароци во мојот живот. Неизмерно ми се драги подароцитеод моите блиски, како што се спомените од патувања, прафреми, цвеќиња и безброј други, и се разбира – подароците од генерациите кои поминале. Секој подарок носи печат на моментот и на времињата кои сме ги минале заедно, и затоа зад нив секогаш лежи приказна, емоција, време минато и време замрзнато за миг во некој огромен буќет рози, во посвети напишани со детска искреност, во убави кристали кои ми се спомен и амајлија.“

За тоа дали празникот ќе живее и понатаму, и како би сакала да го поминува празникот професорката Софија многу добро ни објасни:

„ Овој празник мислам дека остана некаква традиција, којашто никој не би сакал да ја прескокне. Но овој ден не го сфаќам како единствен ден на жената, бидејќи за неа секој ден е 8 март, ако е опкружена со луѓе кои и значат и ја почитуваат, бидејќи подарокот не е најважното нешто за неа. Иако немам омилен подарок, овој ден мене ми асоцира на цвеќе, но кој не сака подароци? Дали мислите дека постојат некои хит подароци? Но не секогаш е важен подарокот, важна е светлата насмевка и малото внимание, ако се искрени во тој момент.“

За крај, професорката Николова реши да нè врати во суровата реалност која ја живееме:
„Во суштина најважното е она што го забораваме – одбележувањето на борбата на жените за еднакви права со мажите и право на глас и бруталноста низ која минале пред само нешто повеќе од еден век. За жал, не гледам дека жените се доближиле до еднакви семинари за полова еднаквост, ако сеуште се организираат такви и ако сè уште во парламентот имаме клуч за процентуална застапеност на понежниот пол“, заклучи таа.

1660 Вкупно 1 Денес