Викенд шема: Што прават учениците после напорна недела?

За оние кои се прва смена викендот дојде побргу, а учениците од втората смена се секогаш „малерите“ и најтешко им паѓаат последните два-три часа па со душа чекаат да заѕвони ѕвончето од последниот час и да заборават на училишните обврски, барем за момент.

drugariПоминаа пет викенда од второто полугодие, а шестиот нетрпеливо се очекува да затропа на вратата. Премиера на новата рубрика „Викенд шема“ преку опуштен разговор со ученици кои ни ги пренесоа своите импресии од поминатата недела и планови за викендот.

„Оваа недела не ми беше нешто за фалење, затоа што втора смена никако не ми одговара и никако да се навикнам. Доцна се враќам од училиште, имам малку време за одмор и веднаш главата над книга. Наутро повторно станувам рано и така секој ден како роботски живот“, рече духовито Катерина Бојаџиева од клас I-5.

Изминатиот период беше важен за многумина поради тестирањата од кои директно зависи нивниот успех, а секогаш после вредни работни денови одморот е најсладок.

„Неделава имаше мали промени во мојот успех, имајќи предвид дека бев отсутен од училиштето. Секое отсуство влијае негативно и за пократок период морав да го надополнам пропуштениот материјал. Сепак, со оглед на моите очекувања, неделава беше прилично добра“, вели Тимче Крапевски, ученик од I-1.

Колку и да било лежерно за време на часовите или пак стресно и работно, ништо не се заменува со слободен викендот, особено за учениците од втората смена. Секој го организира сопственото време на свој начин, одмарајќи или учејќи, викенд си е викенд.

„Мислам дека овој викенд нема многу да се разликува од другите, освен што ќе ги вметнам и подготовките за карневалските свечености. Нема да ми остане време за излегување, но тоа не значи дека викендов ќе ми биде здодевен или монотон само затоа што ќе преовладува учењето. Доколку ми остане повеќе слободно време, ќе уживам во моите хобија, но сепак, сè зависи од организацијата.  Се надевам дека сепак викендов ќе биде еден од подобрите викенди“, одговор од ученичка од III-3, Вања Китанова.

Дека светот на момчињата и девојчињата е мошне различен и спротивен докажува Димитар Дончев од трета година: „Во сабота наутро посетувам курс по англиски јазик и тоа ме мотивира денот да ми почне со расположеност.  После тоа одам на тренинг, каде што уште повеќе ја доградувам самата моја индивидуа, тренирајќи кошарка. Вечерта најверојатно ќе излезам со другарите до доцните часови. Во недела наутро најчесто ги извршувам школските обврски и ретко ги оставам недовршени. Вечерта излегувам со мојата девојка. Во понеделник сме втора смена на училиште, па може да си дозволиме да останеме и до подоцна.“

„Викендов планирам да учам повеќе, сакам да поправам некоја оценка затоа што сега се во тек тестовите и испрашувањата за тромесечните оценки. Исто така треба да ги задржам и своите оценки, па мора континуирано учење, како што велат сите. Но се разбира дека ќе се потрудам и добро да се забавувам“, вели Тимче.

Велат секоја акција има и своја реакција. Со самите активности, учениците очекуваат резултати.

„Сè зависи од тоа колкав дел од викендот ќе биде одвоен за продуктивно и ефикасно учење, па се надевам дека ќе можам да одвојам доволен дел. Сепак планирам да учам овој викенд, не за да ги подобрам, туку за да ги задржам моите оценки, затоа што сметам дека викендот претставува голема помош во неутрализирање на збиениот неделен распоред и залудно е целосно да се потроши на одморање“, дополнува Вања од своја гледна страна.            

„На останатите им посакувам викенд исполнет со забава, добро расположение и насмевка на лицето, бидејќи после долга напорна недела заслужуваме и мал одмор. Но секако малку забава и малку учење, најдоброто од двата света. Училишните обврски се неизбежни, затоа книгата во рака, бидејќи само тоа ни преостанува, зарем не?“, препорача Катерина.