Во слободното време се забавува на кровови од згради [ВИДЕО]

Поголемиот дел од учениците за себе мислат дека немаат некаков специфичен талент којшто ги разликува од другите, а најголемиот проблем е што не се осмелиле да ја откријат својата специјалност која ќе биде нивен белег. panceНие откривме еден ученик со мошне интересен и специфичен талент во областа на спортот. Нашето училиште докажано ги има најдобрите одбојкари, фудбалери… но овојпат станува збор за спортот танцување.

Во моментов сигурно помисливте на некој од класичните „Ча ча ча“, „Румба“, „Англиски валцер“, „Танго“ и на актуелното шоу „Танцот со ѕвездите“. Не, овде станува збор за поинаков начин на танцување којшто е во чекор со развојот и модернизацијата на музиката. Нашиот Панче Димов совршено знае да танцува во ритамот на модерната музика како што е жанрот хип-хоп, дапстеп, R&B… И не танцува на подиумот во студиото на МТВ, туку на кровот на највисоката зграда во Струмица.

„Желбата да играм на дапстеп музика ја добив пребарувајќи по Јутјуб и гледајќи го Marquese Scott. Тој е уличен танчер којшто ја стекнал својата популарност поставувајќи ги своите видеа на интернет. Неговите вештини ме инспирираа да се обидам да го разбудам танцот во мене“, вели ученикот од четврта година којшто учи во економската струка.

Ни објасни дека Јутјуб е негов учител и засега игра c-walk, shuffle, хип-хоп и R&B. Се надева дека наскоро ќе научи и b-boy. Сите овие модерни танци бараат многу јако чувство за ритам и буквално еластичност на телото. Најмногу му се допаѓа дапстеп музиката, како и рок, рап, метал и хаус.

Веќе 3 години танцува во ритамот на модерната музика, а кога го прашавме колкав дел од денот одвојува за негување на својот талентот ни одговори дека е „откачи-закачи“, всушност сè е момент на инспирација.

„Секој од нас има нешто што најмногу го исполнува, но треба да го пронајде, како што јас го пронајдов моето хоби“, е пораката којашто Панче Димов ја праќа до неговите врсници.

Него прв пат во јавноста го видовме на новогодишно-божиќниот концерт на нашето училиште посветен на Тоше Проески. Иако некарактеристично за неговиот стил, одлично се снајде на звуците на композицијата Малечка заедно со неговата партнерка Ана Дрвошанова. Двајцата беа брилијантни во класично танцување во парови.

Во Струмица постои One Way Sreet Dance Crew – група љубители на модерните танци кои играат различни стилови, а Панче е нејзин почесен член затоа што е „универзалец“ со тоа што може да игра повеќе стилови.

„Нашата група функционира супер, се забавуваме. Идните планови се поврзани со дел од матурантите од нашето училиште кои сакаат на интересен начин да се „збогуваат“ од нивното училиште. Втората голема желба е наскоро да реализираме Танц натпревар (Dance battle) во училиштето, па се надеваме дека ќе ни биде овозможено“, рече Димов за следните активности на One Way Street Dance групата.

Еве како Панче спортува на кровот на највисоката зграда во Струмица:
(видеото е снимено во март 2013 година од Олег Бојаџиев)

http://www.youtube.com/watch?v=rGdlZKuabCU