Збирката „Чекор по жица“, создавана меѓу професорите од СОУ „Јане Сандански“

Збирката од песни „Чекор по жица“, која вчера беше промовирана на камерната сцена во Центарот за култура во Струмица, е посветена и создавана помеѓу професорите од нашето училиште, рече авторот Вања Изова Велева која 8 години беше директор на СОУ „Јане Сандански“.

Синоќа, поетесата и поранешен директор на СОУ „Јане Сандански“, Вања Изова Велева ја промовираше својата најнова збирка од песни „Чекор по жица“. Како што рече таа, ова книга е создавана во осумгодишниот период додека таа беше директор на училиштето, и токму поради тоа ја посветува на сите нејзини колеги овде.

„Ова книга својот зародиш го најде меѓу луѓето со кои 8 години споделував радост, таги, успеси, неуспеси, паѓања и кревања. Ова книга е книга на сите мои колеги од СОУ „Јане Сандански“, кои беа и остануваат дел од мојот живот. Овој чекор по жица им го посветувам ним, со надеж дека ќе се сретнеме некаде помеѓу“ – рече таа.

Збирката „Чекор по жица“, како што вели Велева е своевиден проект со душа потпомогнат од дел од нејзините колеги, поделена на четири циклуси од кои два директно поврзани и пишувани од емоциите што допреле до неа од уметничките дела на професорите од нашето училиште, Љупка Галазка Василев и Митко Тошев.

Извор: Радио СтрумицаНет