Збогум генерацијо 2009/2013!

Синоќа на кошаркарското игралиште во училиштето, со почеток во 20:30 часот, се одржа свеченоста за доделување дипломи на матурантите од генерацијата 2009/2013. maturantiНад 300 возбудени и весели матуранти за последен пат во комплетен состав ги исполнија училишниот двор, ходниците и училниците.

Некои уште од далеку се прегрнуваа, други раскажуваа како си го поминале летото, трети евоцираа спомени од четиригодишното образование. Во секој од нив, вклучувајќи ги класните раководители и нивните професори, владееше чувство на носталгија.

„Свртете се околу вас и запаметете ги добро вашите пријатели, затоа што ќе остане споменот за нив, а генерацијата најлесно се чува преку добрите спомени!“, порача една од водителките на свеченоста.

Доделувањето на дипломите помина во знакот на познатото фрлање капи, 8 наградени ученици и многу музика.

Вечерта ја отворија музичарите со изведба на две композиции, во една мошне опуштена атмосфера, седнати на скалите за сликање. Ем во тоги, ем матуранти, ем пак ја забавуваа публиката која не го штедеше аплаузот.

По обраќањето на директорката беа доделени награди кои годинава за прв пат беа вкупно 8 наместо стандардната за ученик на генерацијата.

Меѓу наградените матуранти беа:
Гонце Ѓоргиева за посебна афирмација на училиштето;
Олег Бојаџиев за обележување на секој важен настан во училиштето;
Кире Иванов за обележување на секој важен настан во училиштето;
Александра Јанева за придонес кон музиката;
Тиме Ричлиев за успех во областа на спортските активности;
Мануела Маневска за успех во економијата;
Тијана Ангова за промоција на училиштето и
Костадин Тенев за ученик на генерацијата.