Гласот на Вања Китанова

Текст на Вања Китанова – ученик во втора година
                                                    Човекот кој ја изгубил честа, не заслужува ни љубов

Честа е наследството што го добиваме од нашите родители и наследството што го оставаме на нашите деца. Но, додека е во наша сопственост, може да направиме многу нешта со кои би ја зголемиле или намалиле. Ако ја намалуваме, може многу лесно да се дојде до стадиумот кога таа ќе се изгуби. А, изгубената чест не се враќа и дупката што ја остава во наследството се пренесува со генерации нанапред.

Доволен е само дел од секундата, сегмент од реченица или постапка за честа да биде изгубена. Нешто што било градено и чувано од нашите исконски предци и предавано на нашите баби и дедовци и мајки и татковци, може да биде изгубено во неповрат уште пред да станеме свесни што сме направиле.
Човек честа ја губи со првото подмитување што го зема, со првата непромислена постапка под дејство на алкохол, со првото неверство…сепак границата што ја става честа во нашето однесување во денешно време сè повеќе луѓе одлучуваат да ја преминат. На луѓето како веќе да не им е грижа за белиот образ и чистото презиме што им ги оставаат на своите потомци. Затоа честа е скапоцен и редок камен кој еднаш се поседува и ако не се чува ништо материјално или апстрактно не може да го врати. Луѓето треба повторно да сфатат дека нејзиниот губиток, парите или моќта не можат да го вратат и надоместат.
Со губењето на честа, човек губи и углед, и почит, и достоинство, го губи и најблиското семејство, ја губи и љубовта… Можеби нема да остане сам и несакан, но изобличената слика што ќе ја креира за себе ќе предизвика никој да не го гледа со исти очи како претходно или исто толку да му верува.
Не залудно народот рекол „три пати мери, еднаш сечи“. Ако не размислуваме пред да кажеме или направиме нешто, може лесно да ја изгубиме честа. Таа е нежна и ранлива, затоа треба да ја негуваме и почитуваме и онаква каква што ни е дадена, ако може и уште поголема да ја дадеме на нашите деца.