Патронат 2013: 7-те најголеми успеси!

Денес училиштето го прослави својот патронат со мала свеченост пред бистата на Јане Сандански во дворот на училиштето.
patronatcoverОсвен положување имаше и организирано садење на цвеќиња, а присутни беа директорката Вања Изова-Велева, вработените во училиштето и претставници од Одделението за образование во општина Струмица.

Годинава не се одржа завршен концерт на хорот и оркестарот поради вклученоста на учениците во многу други активности во месец мај, меѓу кои и тековното екстерно тестирање.

Ние, на нашиот веб-сајт поставивме симболични 7 златни медали за најголемите државни и меѓународни успеси на нашите ученици.

1. И машката и женската одбојкарска екипа во витрините донесоа ЗЛАТО од државен натпревар. Браво за менторите Гоце Кончалиев и Спасе Пиличев кои го одржаа победничкиот дух меѓу нашите спортисти.

2. Со својата иновативна идеја за магарешко млеко економистите од четврта година, познати како Donka’s farm, го освоија престижното прво место на државниот натпревар по бизнис план. Честитки кон успешниот тим на менторите Полина Ашикова и Менка Џорлева. 

3. Ученичката Александра Јанева, позната по својот извонреден глас, го освои меѓународното жири на натпреварот на француска шансона и освои патување во Париз. Успехот е двоен затоа што и Марија Атанасова беше второнаградена под менторство на Нада Божијанова.

4. Сајтот Македонија – земја на сонцето заблеска со платина како најдобар веб-сајт на меѓународниот натпревар CyberFair 2013 поддржан од Белата куќа. Ментор на ученичките од четврта година кои го изработија сајтот е секогаш активната на различни географски широчини и должини Софија Тошева.

5. Музика и хуманост без граници беше дефинитивно најпосетениот настан организиран од хорот на нашето училиште. Извонредниот мјузикл кој успеа да привлече огромно медиумско внимание, но и два пати да ја наполни големата сала на НУЦК „Антон Панов“ беше диригиран од вештите раце на професорката Анита Станковска. 

6. Ученикот Коста Тенев беше прв на државниот натпревар по математика и со своите извонредни вештини оствари учество на Олимпијада. Ментор на овој генијалец е генијалната професорката Елизабета Витанова.

7. За крај, проектот КРЕАТИВНИ МАТУРАНТИ е нешто специфично за генерацијата 2009/2013 и случување кое дефинитивно ја одбележа оваа година. Креативноста на учениците нема граници, а кога кон неа се приклучија и професорите, тогаш добивме вистински успешен проект кој насекаде го оценуваат со 10-ка!

НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ ПРАЗНИКОТ!