Миле Грнчаров има нешто да каже

Младите бараат специфични места каде што ќе може без никаква цензура и правила да пишуваат за теми кои ги засегаат и тоа со целосна слобода на изразување. Оние кои сè уште го бараат вистинскиот начин и бесплатна платформа за пишување треба да си креираат блог.

milegrnМиле Грнчаров од трета година е долгогодишен блогер којшто го користи неограничениот интернет простор за да направи груба перспектива на настаните, но со неутрален пристап – тоа што ретко може да се види на е-медиумите.

Во Македонија во тек е блог-натпревар за учениците од средните училиште во организација на Здружението на граѓани ОХО. Секое училиште можеше да пријави свој тим или поединец кој ќе изработи блог Кажи ТЕХНОЛОГИЈА или Кажи СТИЛ. 

„Откако професорката Славица Милева-Ефтимова ме извести за КАЖИ НЕШТО знаев дека време е да се пријавам и да се натпреварувам. Блогот не е за секого. Тој е за личности кои се целосно опфатени од бранот на социјалните мрежи, кои сакаат да дискутираат за вирални и актуелни настани и за личности кои знаат да почитуваат туѓо мислење“, повторно го истакнува својот став Грнчаров.

На блогот што е актуелно или whatstrendingmk може да прочитате за Google glass, Flappy bird, Selfie, twitter и многу други теми со критички осврт. Според авторот, овој блог е поразличен затоа што има остар пристап и иако зборува за технологијата, сепак ја кажува вистината.

„Никогаш не сум можел да догледам неко шоу за награди, не поради тоа што не ми се интересни, туку поради тоа што не можам да го слушам преводот на македонски кој доцни 10 минути. Освен тоа , тој или таа кои преведуваат секогаш ми звучат како да се во најлошо расположение“, извадок од текстот за селфи-фотографијата од Оскарите која сруши светски рекорд на твитер.

„Мислам дека огромната лична интеграција во секоја статија ќе ме оддели од толпата. Пораката ми е едноставна – право на слободен говор и почитување на туѓо мислење. На овој начин сакам да ги поддржам и поттикнам оние кои мислаат дека имаат што да кажаат, а не знаат каде и како да започнат блог“, споделува за официјалниот сајт на училиштето.

Конкуренцијата за овој натпревар е огромна. Најдобрите блогови ќе бидат оценети согласно утврдените критериуми од страна на стручно жири. Блог-натпреварот ќе заврши со финален забавен настан, каде ќе бидат прогласени најдобрите блогери и ќе бидат доделени пригодни награди.