Златен медал во конкуренција од 157 проекти во светот

Наградите на регионалните и државните натпревари се лесен залак и стандарден дел од менито на нашите ученици. Кога станува збор за признанијата добиени на интернационално ниво мора да истакнеме дека се еден огромен отскок во светот на успешните! 74Минатиот месец учениците од втора година – Александра Манзаклиева, Ана Тодорова, Никола Тошев и Николина Туџарова подготвуваа онлајн проект наречен Осветли ги засенетите занаети. Откако ги поминаа фазите на самооценување и оценување од стручно жири, денес пристигнаа конечните резултати.

Во конкуренција од 157 интернационални проекти веб-сајтот изработен за промоција на грнчарството, бисерниот накит, резбарство, изработка на килими… освои златна награда на CyberFair 2014! Учениците несомнено успејаа во својата желба да бидат добри промотори на старите подзаборавени македонски занаети, вклучително со добрата македонска музика и содржината од која може многу да се научи. Нашите ученици заедно со останатите наградени се поканети во Орландо, Флорида на WorldFuture 2014 конференција.

Познавајќи ја биографијата на нивниот ментор Софија Тошева оваа награда не треба да биде нешто невообичаено, бидејќи за неа очигледно не важи познатата: „важно е да се учествува“, туку „секое учество е шанса за нова награда – ајде да ја искористиме“! Тоа го докажува фактот дека оваа учебна година информатичарите учествуваа на 4 натпревари и донесоа 5 награди, од секое учество без исклучок!

Минатогодишната платинум награда на истиот CyberFair натпревар, како и оние од School Connectivity, Nais 20/20, Doors to Diplomacy се дел од интернационалните успеси кои ги имаат различни генерации ученици предводени од нивниот ментор.

Инаку, учениците имаа можност да го презентираат својот труд и пред пријателите од Задар кои минатиот месец го посетија училиштето.

Честитки за интернационалниот успех на наградените ученици!